понеделник, 16 декември 2024

Претседателот на Аргентина сака да создаде глобален сојуз на радикалната десница

Само неколку недели откако италијанската премиерка Џорџа Мелони ја посети Аргентина, претседателот на земјата Хавиер Милеи возврати со посета на Рим за да го продлабочи „цврстиот“ сојуз што го одржуваат и учествуваше во саботата на политички фестивал што секоја година го организира подмладокот на екстремно десничарската партија на Мелони, Браќа на Италија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што пишува Ел Паис, аргентинскиот претседател беше главна ѕвезда на овој конгрес наречен Атреју и не ја разочара публиката. Тој излезе на сцената со Мелони, која го претстави како лицето одговорно за „културната револуција во пријателската земја која знае дека работата е единствениот лек за сиромаштијата“, среде овации, аплаузи и извици „слобода, слобода“.

Од сцената, Милеи повика на создавање на еден вид глобален сојуз на екстремната десница, „десничарска интернационала“, како што ја нарече. Оваа идеја наиде на аплауз од публиката.

„Мораме да одговориме на предизвикот на времето, а најефективниот начин да го направиме тоа е заедништво, воспоставување канали за соработка низ целиот свет, повторно прифаќање на идејата дека организираното зло се победува со организираното добро. Мораме да воспоставиме врски соочени со злоупотребите на социјализмот со помош на развојот на десничарската интернационала“, рече Милеи. „Мораме да бидеме како римската легија која секогаш победува поголеми војски, токму затоа што никој не губи формација“.

Тој ја истакна и важноста на единството. „Бидејќи ние либералите не создаваме стада, многумина паднаа во замката на неорганизираност, а во Аргентина таа грешка не чинеше скапо: цел век понижување. Левицата попрво би владеела во пеколот, отколку да служи во рајот. Ако треба да го претворат рајот во пекол, тоа и ќе го направат, затоа мораме да одговориме уште посилно“, рече тој.

Како што пишува Ел Паис, ова не е првпат Милеи да повика на обединување на екстремната десница ширум светот. Милеи на средбата во Аргентина со италијанската премиерка, со која е во блиски односи и со која се сретна неколку пати во првата година од својот мандат, изнесе слична идеја. Во знак на реципроцитет на таа блискост, Мелони на Милеи и неговата сестра Карина, генерален секретар на Претседателството, им додели италијанско државјанство имајќи предвид дека нивните баби и дедовци емигрирале од Калабрија во Аргентина на почетокот на 20 век. „Повеќе отколку меѓу пријатели, се чувствувам како меѓу семејство“, рече Милеи.

Оваа мерка, иако во рамките на законот, беше критикувана од италијанската опозиција, која долго време се обидува да го поедностави процесот за добивање државјанство за децата на мигрантите родени во Италија, што Мелони и нејзините политички сојузници категорично го отфрлаат. Рикардо Маги, член на партијата „Голема Европа“, го нарече доделувањето државјанство на Милеи „навреда“ што претставува „неприфатлива дискриминација кон толку многу млади луѓе кои можат да го добијат само по долги години бирократија“.

Аргентинскиот претседател во петокот во Рим се сретна со Џорџа Мелони со цел зајакнување на билатералните односи меѓу Италија и Аргентина, особено во областа на судската соработка, трговијата и борбата против организираниот криминал. Во саботата, на фестивалот Атреју што се одржа во римскиот Циркус Максимус, Милеи го понуди својот рецепт за „однесување на властите“.

„Не смееме да му оставиме простор на непријателот, подобри сме во сè и тие ќе загубат против нас. Единствен начин да се бориме против организираното зло е организираното добро“, изјави тој.

Голем дел од неговиот говор беше емитуван во живо на еден италијански јавен телевизиски канал. Во својата „лекција“ за тоа како да се владее, Милеи ги објасни принципите како „подобро е да се каже непријатна вистина отколку пријатна лага“, „да не се користат идеи за привлекување гласови“ и „да не се формираат политички сојузи со други групи“, бидејќи „маслото и водата не се мешаат“.

Тој исто така нагласи дека „слободниот пазар создава просперитет за сите“ и дека „владата мора да биде ограничена“.

Милеи, исто така, повика на одбрана на „слободата на Западот“, прашање што претходно го покрена со Мелони, што тој го дефинираше во Рим како „праведна и благородна кауза, бидејќи тоа е големо цивилизациско достигнување“. Како и обично, Милеи го затвори својот настап со извици „Да живее слободата, по ѓаволите!“ кои беа поздравени со аплауз меѓу следбениците на партијата на Мелони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ