вторник, 22 октомври 2024
Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Претседателката Сиљановска Давкова им порача на новите офицери никогаш да не заборават од каде доаѓаат

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска беа промовирани офицери и подофицери каде свои обраќања имаа претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и прворангираниот потпоручник Милица Перишиќ.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката Сиљановска Давковка во своето обраќање на промовираните офицери и подофицери им порача совесно и одговорно да ги извршуваат обврските и должностите како бранители на слободата на татковината и дека очекува активно да учествуваат во справувањето со традиционалните, како и новите хибридни закани во физичкиот и сајбер просторот.

„Вие станавте офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти. Како офицери на НАТО армијата, од вас се очекува да ги исполнувате највисоките професионални стандарди и врвни критериуми. Сигурна сум дека активно ќе учествувате во справувањето со традиционалните, меѓутоа и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер просторот. Вие ќе треба да придонесувате за колективната безбедност и одбрана, преку учество во мировни мисии и операции да ја одржувате борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери, но, ве молам, никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сѐ и над сѐ за македонските граѓани и за одбраната на македонската република“, порача Сиљановска Давкова.

Пред присутните, Мисајловски истакна дека денешна промоција е признание за нивниот труд, но и доказ за довербата што им е дадена да станат дел од, како што рече, институцијата со најголема доверба кај граѓаните. Тој упати благодарност за одлуката да ѝ служат на државата и граѓаните, како и до нивните семејства за поддршката и разбирањето за нивната определба.

„Оваа година на нашата Воена академија со прв офицерски чин се стекнуваат и питомци од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа ја покажува нашата сериозна посветеност во регионалната стабилност и безбедност. Создадовме човечки капацитети, офицери, кои изминативе 4 години заедно живееја, се едуцираа и обучуваа како да ги совладаат задачите кои им престојат. Верувам дека и понатаму во животот ќе останете добри пријатели и дека активно ќе соработувате и заеднички ќе придонесувате во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во Алијансата“, рече Мисајловски.

Во потпоручници беа промовирани 38 питомци, од кои 24 за потребите на македонската Армија, односно 12 жени и 12 мажи, осум од Црна Гора и шест од Босна и Херцеговина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ