петок, 26 јули 2024

Претседателката на УО Каракутовска: Зградата на Филхармонија е наменета за еден симфониски оркестар

Објавено на

часот

Сподели

Каде треба да се бара генезата на проблемот и зошто според вас дојде до овој спор меѓу Филхармонија и новоформираниот Национален џез оркестар?

-Проблемот настана при формирањето на Националната установа за џез оркестар од страна на Министерството за култура на Република Македонија и Владата на РСМ и нивно сместување во просториите на НУ Филхармонија. Новиот правен субјект се уште правно не постои и не е институционализиран, па спорот не треба да се бара меѓу Филхармонија и НУ за џез оркестар, туку треба да се разгледа и преиспита предлогот на Министерството за култура за основање на нова национална установа брз база на елаборатот изготвен како дел од потребната документација за основање на национална установа. Во овој елаборат како седиште на новата НУ за џез оркестар е наведен објектот и адресата на НУ Филхармонија, притоа без да се консултира раководството на НУ Филхармонија и Управниот одбор и без се изврши увид и анализа на просторните и технички можности, како и искористеноста на објектот. Наводите од елаборатот се паушални. Доколку пред поднесувањето на елаборатот се провереле наводите од истиот, ќе се констатирало дека објектот кој го навеле за  просторно сместување е наменски проектиран за функционирање на еден симфониски оркестар и веќе е целосно наменски искористен. НУ Филхармонија објективно дури и се соочува со немање доволно простор за одредени позиции и потреби.

Одлуката на Владата за формирање на нова национална установа за џез музика и нивно вдомување во НУ Филхармонија, донесена на 138-та седница одржана на 21-ви март, ја дознавме од медиумите и преку социјалните мрежи. Оваа одлука не најде затечени и изненадени. Управниот одбор на НУ Филхармонија, чиј претседател сум, одржа итна вонредна седница на која констатиравме дека никој од Филхармонија не бил консултиран и известен за одлуката на Владата. Писмено се обративме до Министерството за култура и Владата и побаравме прием и разрешување на настанатиот проблем. Од тогаш до денеска трае битката за зачувување на работниот простор во кој делува најстарата културна институција во нашата држава, која догодина слави 80 години од формирањето.

Какви последици ќе има привременото сместување на втора институција под покривот на објектот на Филхармонија, односно дали ќе донесе повеќе штета, отколку корист?

-Штетата е веќе направена. Вработените од НУ Филхармонија организирани од Синдикатот на установата веќе извесен период протестираат против одлуката за узурпирање на нивниот втор дом. Наместо сите заедно да се посветиме на секојдневните обврски и со радост да ја подготвуваме програма за чествување на јубилејот – 80 години Филхармонија, ние времето го трошиме во дебати, прес-конференции и протести.

Сите ние, засегнати од оваа ситуација, се надеваме дека ќе преовлада разумот и ќе се најде адекватно решение каде просторно ќе се смести и ќе делува НУ за џез оркестар. Се надеваме дека Министерството за култура објективно го согледа проблемот, ги слушна лавината реакции кои се покренаа како поддршка за НУ Филхармонија од еминентни личности од светската културна јавност и ќе смогне сили да најде решение и до Владата да поднесе предлог за промена на одлуката во однос на сместувањето на НУ за џез оркестар. 

Како претседател на Управниот одбор на НУ Филхармонија, дали остваривте средба со министерката за култура и дали од неа добивте некои гаранции за решавање на проблемот?

Веднаш по дознавањето на веста за оформувањето на НУ оркестар за џез музика и внесувањето на адресата на Филхармонија како нивна адреса на сместување упативме барања за средба и разговор до министерката за култура и до премиерот на Владата. Првата средба која се реализираше кај министерката беше онаа на која присуствуваа директорката, претседателот на синдикатот и неколку колеги од оркестарот на Филхармонија. Во исто време на средбата беа повикани и претставници од Здружението за џез музика ЗЏМ, на чие барање е поведена иницијативата за институционализирање на овој биг бенд во Национална установа. Како што подоцнаа бевме информирани, се разговарало повеќе од еден час, министерката ги увидела околностите и дала ветување дека на првата наредна владина седница ќе предложи измена на одлуката во однос на сместувањето на новата национална установа. На радоста ѝ немаше крај, бидејќи сметавме дека проблемот е надминат и решен. На состанокот беше побарано да не се даваат изјави и да не се истапува медиумски. Сите од Филхармонија го почитуваа дадениот збор, но од другата страна започна валкана кампања и навреди кон НУ Филхармонија. Откако на првата владина седница, една недела по споменатиот состанок, не беше спроведена ветената измена, организиравме прес конференција на која ги изнесовме проблемите јавно. Ние навистина не знаеме што влијаело на тоа министерката да се предомисли. Спорната одлука е донесена на 21 март, а подоцна на 11 април е донесена одлука за дополнување на одлуката каде што пред адресата за сместување на НУ оркестар за џез музика е додадено само зборчето времено”.

По оваа одлука следуваше првата средба на министерката со дел од членовите од УО, директорката и правничката од Фихармонија. На средбата се разговараше за проблемите кои настанаа со оваа одлука и тука министерката не информираше за оваа привремена адреса и дека во суштина планирано е адресата на Филхармонија само административно да биде наведена како место на седиште при упис на установата како правен субјект, а всушност тие тука ќе имаат само поштенско сандаче и ништо повеќе. На прашањето каде ќе бидат сместени по оформувањето не добивме конкретен одговор. На молбата ова објаснување и толкување да го добиеме како писмен документ и гаранција добивме одговор дека доволна е одлуката каде адресата е од времен карактер. Овие наводи беа пренесени на состанокот на вработените истиот ден веднаш по средбата. На тој состанок, Синдикатот на Филхармонија едногласно одлучи да почне да организира протести и да бара од министерката да постапи по договореното и претходно ветеното. По дознавањето дека се подготвуваат протести, министерката не повика на итна средба во нејзиниот кабинет, а состанокот не беше воопшто пријатен. Се обидовме да ѝ предочиме какви проблеми ќе настанат со ваквата одлука, но беше залудно.

Вработените во Филхармонија на чело со Синдикатот на институцијата речиси еден месец протестираат пред Министерството за култура, а одржаа протест и пред Владата. Дали овие протести досега дадоа некој конкретен резултат и дали планирате да продолжите со нив?

Синдикатот е назависно тело, и ни Управниот одбор, ни директорот на установата не можат и не смеат да влијаат на неговите одлуки. Со оглед на фактот дека постои сомнеж и дека никој од нас нема реални гаранции дека нема да се узурпира просторот на НУ Филхармонија, УО и директорот немаат причина, како ни законска основа протестот да го спречат. А дали ќе продолжат протестите веројатно зависи од долгоочекуваниот потег на Министетството за култура и на Владата.

Поминаа неколку месеци, шест месеци е законскиот рок за формирање на новата институција, а сѐ уште нема конкретно решение за проблемот. Кога очекувате да дојде до разврска на целата ситуација и дали сте убедени во позитивен епилог за Филхармонија?

Поминати се нешто повеќе од два месеци. Но, со оглед на сите работи и притисоците кои ги трпи Филхармонија, во меѓувреме, поминатите денови ни изгледаат како вечност. Лично мислам дека министерката ќе си остане на зборот и дека Министерството за култура работи на решавање на проблемот и ќе најде адекватно решение за адреса на седиште на Националниот џез оркестар и нивно сместување надвор од нашите простории, а Владата веднаш ќе ја промени одлуката по што НУ Филхармонија ќе може да продолжи со својата редовна работа без трошење на време за решавање на проблемот кој се наметна со основањето на новата установа и привременото користење на адресата на Филхармонија за адреса на седиште на новиот правен субјект.

Дали сметате дека е оправдана одлуката оркестарот за џез музика да добие статус национална установа?

-Ние го поздравивме оформувањето на новата НУ оркестар за џез музика. Секој вид музика си има своја публика. Времето ќе покаже дали одлуката за формирање оркестар за џез музиката во Македонија била оправдана. Лично сметам дека пред да се донесе одлуката требало да има опсежна дебата. Сега е доцна да се разговара на оваа тема.

Каде според вас би требало да биде сместен и да функционира новоформираниот џез оркестар и кое е најсоодветното решение за проблемот?

-Не познавам пример во светски рамки каде џез оркестар фунционира заедно со некоја Филхармонија. Иако некои се обидуваат да ја најдат симбиозата помеѓу овие два правци (џезот и класичната музика), сепак џезот е правец кој што е поблизок до популарната музика отколку до класичната. Токму поради тоа дури и да има просторни можности, а во случајов нема, тие не треба да делуваат под иста капа. Што се однесува до просторното решение каде треба да делува џез оркестарот не можам да си дозволам да шпекулирам и да се доведам во ситуација да ја правам истата грешка како оние кои го генерираа настанатиов проблем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ