петок, 25 октомври 2024

Претседателката на Универзитетот Колумбија поднесе оставка по протестите поради војната во Газа

Претседателката на Универзитетот Колумбија во Њујорк, Минуш Шафик, објави дека поднесува оставка, наведувајќи го периодот на криза оваа пролет, кога кампусот на тој универзитет во Њујорк беше епицентар на студентските демонстрации поради војната во Газа и полемиките околу растот на антисемитизмот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Економистката, Американка со египетско потекло, ја објави својата оставка синоќа преку мејл до факултетската и студентската заедница, а стапува во сила веднаш. Објавата беше ненадејна со оглед на тоа што таа го избегна бранот оставки од колегите на другите универзитети поради пропалестинските протести како што се претседателката на Универзитетот во Пенсилванија, Елизабет Мегил, и претседателката на Харвард, Клодин Геј.

Таа во мејл, кој го видела агенцијата Франс прес, напиша дека одлуката ја објавува сега за да може да се именува нова администрација пред почетокот на новиот семестар на 3 септември.

„Тоа беше период на криза во кој беше тешко да се надминат различните мислења во нашата заедница“, напиша Шафик.

Таа предупреди на заканите, навредите, па дури и малтретирањето кон неа од страна на колегите и студентите, и рече дека нејзината оставка ѝ овозможува на Колумбија подобро да се соочи со идните предизвици.

„Сите ние треба да направиме сѐ што можеме за да им се спротивставиме на силите на поларизацијата“, рече таа.

Универзитетот со кој таа раководеше од јули 2023 година беше меѓу предводниците на мобилизацијата на почетокот на војната што Израел ја води против Хамас во Појасот Газа како одговор на крвавиот напад на палестинското движење врз Израел на 7 октомври минатата година.

Во април оваа година, Универзитетот Колумбија започна демонстрации и протести, кои се проширија на универзитетите низ САД. Тие потсетуваа на движењето против војната во Виетнам во 1968 година.

По повик на тогашната претседателка Шафик, њујоршката полиција на 30 април насилно отстрани десетици активисти и студенти, а традиционалната голема церемонија на дипломирање на универзитетот беше откажана.

Во почетокот на јули, тројца декани од Колумбија беа отповикани поради СМС-пораки за време на јавен форум во мај, кои беа пријавени од конзервативните медиуми и открија антисемитска пристрасност, според соопштението на претседателството на универзитетот.

Универзитетот Колумбија пред почетокот на наставата на универзитетот објави дека ќе има ограничен јавен пристап до огромниот кампус лоциран во северниот дел на Менхетн.

Факултетот објави дека Катрина Армстронг, директорка на медицинскиот центар Ирвинг на Универзитетот Колумбија, ќе биде претседателка на универзитетот.

Престижниот приватен универзитет со огромен буџет финансиран од донатори и големи компании, од кои некои се поврзани со Израел, има десетици илјади студенти и професори.

Претседателството беше обвинето дека не се бори доволно цврсто против изјавите или акциите насочени кон еврејските студенти, но и дека е премногу строго кон малите пропалестински групи.

Шафик беше испрашувана пред американскиот Конгрес оваа зима, заедно со други претседатели на универзитети, откако републиканците ги обвинија дека не се доволно строги во однос на порастот на антисемитизмот на универзитетите.

Водачот на републиканското мнозинство во долниот дом на американскиот Конгрес, Мајк Џонсон, дојде во Колумбија среде најголемата криза за да го осуди „ тероризмот на демонстрантите“, а синоќа ја поздрави одлуката на претседателката Шафик да поднесе оставка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ