сабота, 27 јули 2024

Претседателката на Словенија е незадоволна од својата плата

Како и нејзиниот претходник Борут Пахор, кој пред повеќе од две децении се жалеше како тешко преживува со 3.000 евра месечно, и актуелната словенечка претседателка Наташа Пирц Мусар не е задоволна од својата плата, пишува 24ур. Во нејзиниот кабинет сметаат дека би требало да има право на одредени додатоци, кои како функционерка ги нема.

Објавено на

часот

Сподели

Истакнуваат дека претседателката и службениците во нејзиниот кабинет својата работа ја вршат во законските рокови пропишани со законот за работни односи за заштита на работникот, но „за тоа не добиваат дополнителна плата или надомест“. Порталот 24ур има писмо кое шефот на кабинетот на претседателката Урош Крек на крајот на ноември му го испратил на тогашниот министер за управа Клемен Боштјанчич.

Крек во писмото се жали дека претседателката нема право на додатоци освен оние кои се однесуваат на работниот стаж. Напоменува дека за судиите и државните обвинители не важат истите правила, па така тие можат да сметаат на додаток за двојазичност, позицијата која ја вршат и работа во неповолно работно време.

Иако уставниот суд за тоа веќе одлучувал и заклучил дека сè е во согласност со уставот, во кабинетот на претседателката сметаат дека решението не е соодветно. „Останатите функционери се доведени во нерамноправна или понеповолна позиција во однос на судиите и државните адвокати“, се наведува во писмото.

Инаку, претседателката на Словенија припаѓа на 65-от платен отсек, односно вториот по висина. Притоа основната бруто плата ѝ изнесува 5.663 евра. Нејзиниот сопруг има право на месечен надомест за покривање на трошоците кој изнесува 15 отсто од претседателската плата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ