сабота, 27 јули 2024

Пресврт во Полска: Туск избран за нов премиер

Полскиот парламент вчера попладне го изгласа Доналд Туск за нов премиер, со што е отворен простор за одмрзнување на односите со Европската Унија, јавува Ројтерс.

Објавено на

часот

Сподели

За тоа Туск да стане премиер гласаа 248 пратеници, додека 201 беа против.

„Се откажа од удобниот живот кој можеше да го има откако беше претседател на Европскиот совет и се врати тука за да се бори за победа на демократијата, пристојноста и правдата“, кажа Владислав Косињак-Камиш, лидерот на Полската селанска партија, која е дел од коалицијата која ја предводи Туск.

Туск речиси два месеци по парламентарните избори е избран за премиер со помош на коалициските партнери, меѓу кои се левичарите и умерените конзервативци, пренесува Асошиејтед прес.

Партиите излегоа на изборите одвоено, но ветија дека ќе работат заедно под лидерството на Туск, за да се обноват демократските стандарди и односите со сојузниците.

Претходно вчера поранешниот премиер Матеуш Моравјецки од партијата Право и правда (ПиС) ја изгуби довербата и остана без премиерскиот мандат.

Туск беше шеф на полската влада од 2007 до 2014 година, а беше претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година.

Изборите во Полска беа одржани на 15 октомври. Партијата на Моравјецки доби 194 пратенички мандати, а на Туск 157.

Се очекува владата на Туск да положи заклетва на 13 декември, а претседателот Анджеј Дуда според уставот нема овластување да го спречи тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ