„Црно семе“ и „Црнила“ остануваат на списокот за лектири во програмата по македонски јазик во четврта година во гимназиите. Сепак, овие дела нема да бидат застапени во прашањата за матурскиот испит по македонски јазик кој е еднаков за сите средни училишта. Ова може да се толкува дека делата на Георгиевски и на Чашуле стануваат „факултативни, незадолжителни“ во средното образование.
Претходно, во основното образование, според новата програма за шесто одделение по предметот македонски јазик, избришан е делот „Историја на македонски јазик“. Во овој дел учениците учеа за почетокот на словенската писменост, за работата на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Ова е преместено во седмо одделение, кога се учи за Крсте Мисирков и неговото капитално дело „За македонцките работи“, за македонските народни говори, како и за улогата на Блаже Конески во кодификацијата на јазикот.
Наставниците по македонски јазик не се во тек со најавената нова концепција за предметите, која очигледно полека се спроведува. Веќе има реакции дека со овие промени, со овие нови адаптирани концепции не случајно негативно се влијае во изградбата на националното идентитетско самоспознание на македонските ученици.
Да се потестиме, темата на романот „Црно семе“ од Ташко Георгиевски е судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров во Егејско Море каде се прави сѐ за да се погази чувството за национална припадност. Времето на случување е Граѓанската војна во Грција, по Втората светска војна.
Во драмата „Црнила“ Коле Чашуле пишува за вистински историски настан, убиството на Ѓорче Петров во 1921 година во Софија, за „братоубиството“, за предавниците, за македонските црнила…
А.Д.