сабота, 19 октомври 2024

Премиерот тврди дека потрошувачката кошница денес вреди повеќе од онаа во 2016 година

Објавено на

часот

Сподели

Работите се движат во насока на постигнување договор. Верувам дека целта може да биде постигната и да добиеме едно долгорочно решение со кое од септември па во текот на наредните години ќе се обезбеди зголемување на платите, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Смета дека има капацитет и Владата, и синдикатот, да изнајдат такво решение од заемен интерес на сите заинтересирани страни.

„Тука, пред сѐ, се мисли на јавниот сектор и тоа да биде исто така поврзано и со зголемување на продуктивноста и со зголемување на ефикасноста во работењето“, рече премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на социјална станбена зграда во Свети Николе.

Во разговорите за Општиот колективен договор, како што рече, има позитивна атмосфера според тоа што го кажувале министрите кои се дел од Економско-социјалниот совет, но и според претставниците на синдикатите кои даваат јавни изјави.

Нагласи дека сите одлуки ќе бидат носени низ дијалог како што Владата практикувала и досега.

„Низ разговор на Економски социјален совет успеавме да обезбедиме нова методологија за покачување на пензиите и затоа оваа година, со покачувањето во септември, ќе имаме историски најголемо покачување на пензиите од 25 проценти. Успеавме со синдикатите на ист таков начин низ дијалог да договориме нов Закон за минимална плата, со што денес имаме највисока минимална плата во историјата на државата“, рече Ковачевски.

Подобар факт и доказ, рече тој, дека  не постои подобро и поправилно законско решение од она што е донесено за минималната плата е тоа што до 2015-2016 година биле потребни четири и пол минимални плати за една потрошувачка кошничка, а денес, рече, се потребни 2,1 минимална плата за една потрошувачка кошничка.

Проблемот со Слупчане е надминат. Екипи на ЕВН ќе направат увид, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати, бидејќи никој не е должен на некој друг да му плаќа електрична енергија, вели премиерот Димитар Ковачевски. 

Тој одговарајќи на новинарско прашање посочи дека не станува збор за немање контрола од страна на државните институции, туку се работи за спроведување на работата на ЕВН која е приватна компанија. 

„Не се работи за достапност на државни институции, туку се работи за спроведување на работењето на приватна компанија. ЕВН е приватна компанија, која што е странска директна инвестиција во државата и која што има обврска да испорачува електрична енергија до секое домаќинство во државата и до малите потрошувачи како универзален снабдувач. Со оглед на тоа дека на посоченото место имаше проблем со наплатата, и со диво приклучување на електроенергетската мрежа, компанијата заедно со надлежните институции, а Министерството за економија е надлежно во делот на енергетиката, имаа разговори со градоначалникот на Општина Липково, бидејќи Слупчане се наоѓа во Липково и според кажувањата и на компанијата, и на градоначалникот, меѓутоа и на самите жители, тој проблем е надминат. Ќе влезат екипите на ЕВН коишто ќе направат прво комплетен увид, во тоа кој бил приклучен на диво и ќе биде исклучен, кој не ги плаќал сметките ќе мора да ги плати и понатаму да продолжи нормално како на целата територија“, рече Ковачевски коментирајќи ја интервенцијата на министерот за економија за да се дојде со солуција за проблемот. 

Такви места, додаде тој, има повеќе. Не е само Слупчане, како што беше и во Арачиново, има и други места каде што исто така, се решава работата, бидејќи никој не е должен на некој друг да му плаќа електрична енергија, подвлече премиерот Ковачевски по додлеувањето социјални станови на 27 семејства во Свети Николе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ