петок, 18 октомври 2024
Не стивнуваат реакциите за случајот со Мерко

Премиерот се чуди кај било обвинителството, ДУИ шокирана, опозицијата бара оставка, САД вели ова не е крај

Објавено на

часот

Сподели

Рамиз Мерко е непожелна личност за САД, како бомба одекна веста дека Стејт департментот реши градоначалникот на Струга Мерко да го стави на црната листа на личности поради, како што образложи, „неговата вмешаност во значителна корупција“.

На опозицијата ѝ се погоди, веднаш побара оставка од Мерко

Не требаше многу опозициските партии да побараат веднаш оставка од Мерко.

Прва се јави Алијанса за Албанците кои освен оставката, го повикаа обвинителството да отвори случај за струшкиот градоначалник.

„Според Стејт департментот, Мерко учествувал во значителна корупција, присвојувајќи средства на нелегален начин и мешање во судски и други јавни постапки. Како резултат на тоа, нему и на неговото потесно семејство им е забранет влез во САД. Корупцијата мора да има последици, но определбите нон грата не се доволни. Рамиз Мерко веднаш да поднесе оставка, а ДУИ да се огради од својот член на претседателството. Обвинителството за корупција треба да отворат случај против Мерко за да обезбедат целосна одговорност за наводите на американскиот Стејт департмент и за да ја спроведат правдата“, соопшти Алијанса за за Албанците.

Најновото соопштение на Стејт Департментот го потврди тоа што ВМРО-ДПМНЕ подолг период наназад го зборува, дека ДУИ е криминализирана структура. Ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД, е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Истовремено со години алудираме на партизацијата во судството која се прави од страна на ДУИ и СДС. Дуизацијата на судството допринесе кадри на ДУИ да можат да влијаат на постапки, како што се нотира и во соопштението на Стејт Департментот. Ова не е прв пат нашите меѓународни партнери да ја нотираат дуизацијата на судството, истото беше и со назначувањето на Ислам Абази за шеф на обвинителството за организиран криминал, кој беше фатен во друштво со цел врв на ДУИ, кои пред да излезат фотографиите тврдеа дека не го познаваат. Ваквите соопштенија, извештаи и ставови на нашите меѓународни пријатели се уште една потврда на сето тоа што го зборува ВМРО-ДПМНЕ, дека ДУИ мора да замине во политичка пензија. Таа партија мора да се исчисти од криминалните и корумпирани кадри, време е за промени“, изјави пратеникот Мирче Аџиоски.

После Холандија, и САД ѝ стави печат на ДУИ како партија со корумпирани кадри кои влијаат врз правосудството. Но ова за нас не е ниту новост, ниту изненадување. Рамиз Мерко е само една нишка во големата пајажина на корупцијата што ДУИ ја создаваше изминативе 20 години. Секако, зачудува фактот што МВР и Јавното обвинителство уште молчат, се огласија од Алтернатива.

Според оваа партија, забраната за влез во САД за високиот функционер на ДУИ поради корупција и влијание во правосудството, е уште еден доказ зошто треба да се прифати предлог-амандманот со кој предметите поврзани со корупција никогаш не треба да застарат.

„Во овој случај, оставката на овој човек од функцијата градоначалник на Струга е последната чест што тој може да им ја направи на стружани, но се поставува прашањето каков е ставот на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој е овластено лице на Мерко во Владата, во однос на оваа одлука на САД и на нивниот шеф, Али Ахмети? Како и да е, ние очекуваме Јавното обвинителство и МВР да преземат мерки, додека ДУИ ќе даде отчет до кога ќе владее со корупција и влијание над правосудството и тоа да го продава со патриотски ноти“, велат од Алтернатива.

ДУИ во шок премиерот бара ремонт на правосудството

Токму министерот за образование и наука и висок функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Јетон Шаќири, кој го споменува Алтернатива е засега единствениот од ДУИ кој официјално го кажа својот став, а тоа е дека ДУИ е политичка партија, која секогаш била за ветинг за сите функционери.

„ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво“, изјави Шаќири.

Шаќири информира дека ќе има и официјален став од партијата. И Додека се чека официјалниот став, неофицијално високи извори од ДУИ за порталот Лидери.мк велат дека во наредните денови се очекува средба на претседателот на партијата Али Ахмети со американскиот амбасадор или заменикот амбасадор во Скопје. По тој состанок Ахмети ќе одлучи дали ќе бара оставка од Мерко од функцијата градоначалник и нови избори во Струга или не. 

И додека ДУИ чека да ги викнат во амбасадата на САД во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ставањето на Мерко на црната листа на САД потврдува дека на „истражниот и на правосудниот систем им е потребен ремонт“.

„Наводите што се наведени за ставење на црната листа на градоначалникот на Струга, се сериозни. Се работи за неколку основи. Нашите истражни и правосудни органи треба да ги испитаат наводите што се наведени во соопштението од Стејт Департментот и да се прашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години“, рече Ковачевски. 

Според премиерот, овој случај уште еднаш потврдува колку е важно да продолжат европските инетграции на земјата кои меѓу другото значат и зголемување на нивото на правото на владеење и борбата против корупцијата.

„Сите оние кои се против овој процес, се против овие основи и овие придобивки“, рече Ковачевски.

Во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, Ковачевски рече дека одговор на ова прашање ќе мора да даде самиот градоначалник затоа што тој е избран функционер на непосредни избори, а до советниците во Општина Струга упати порака добро да размислат како ќе продолжат понатаму.

„Сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите. Да не заборавиме, тој бил градоначалник во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во општината“, рече Ковачевски.

А Мерко не само што не дава никакви одговори, туку тој го откажа настанот по повод 21 Јуни, Денот на езерото кој традиционално се одбележува со градоначалниците на Охрид, Струга, Поградец и Дебарца, а на кој требаше да присуствува и министерката за животна средина, Каја Шукова.

И додека во Македонија се нижат реакции, во САД продолжуваат да работат на откривање на корумпирани политичари од Македонија. Ова го кажа американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер по презентацијата на армиските лесни оклопни возила во касарната во Штип.

„Овој процес на назначување трае подолго и е процес кој внимателно се спроведува и се врши ревизија на сите докази и сѐ што е утврдено. Има една листа на имиња кои се во процес на ревизија и на разгледување и откако ќе се утврдат сите факти ќе се донесе одлука. Не можам точно да кажам за временските рокови кога би се реализирале сите овие процеси, но сметам дека ќе има и други на листата, но не би можела да кажам точно кога“, изјави Агелер

А од Стејт департментот во пишаната изјава на портпаролот Метју Милер се вели дека градоначалникот на Струга Рамиз Мерко се прогласува за непожелна личност за влез во САД, поради негова вмешаност во значајна корупција. 

„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, пишува во соопштението.

Судскиот совет ќе го контролира струшкиот суд, од обвинителството ни трага ни глас

Судскиот совет ќе формира комисија која ќе оди во Основнот суд во Струга за да ги провери наводите на Стејт департментот.

„Судскиот совет ќе ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка и ќе формира комисија, која заедно со координаторот за овој суд од редот на членовите, ќе направи посета на струшкиот суд, за да може на лице место да направи контрола за наводите“, изјавија од Судскиот совет за МКД.мк.

Од Судскиот совет за МКД.мк велат дека во текот на минатата и оваа година имало 15 претставки од граѓани на Струга за работата на струшкиот суд, додека Судскиот совет водел две постапки за судии од овој суд.

„Но, напоменуваме дека овие постапки во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, туку станува збор за конкретни предмети во кои се засегнати странките“, велат од Судскиот совет за МКД.мк.

А од обвинителството молк. Оттаму денеска не одговорија на прашањата на МКД.мк дали Јавното обвинителство (ЈО) примило каква било жалба или пријава од обвинител во која е наведен притисок од градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, дали има можеби кривична пријава од граѓани против обвинител во која е наведен евентуален притисок од струшкиот градоначалник, дали кој било граѓанин поднел кривична пријава против Мерко и конечно дали и кога ЈО ќе покрене истрага за наводите на Стејт департментот дека Мерко „за време на неговиот градоначалнички мандат, злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси.“

                                                                                                                            Искра Опетческа

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ