сабота, 27 јули 2024

Премиерот Пленковиќ му порача на хрватскиот претседател да поднесе оставка; Милановиќ: Нормално дека нема

Хрватскиот премиер и претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ го повика денес претседателот на државата Зоран Милановиќ да поднесе оставка и да се кандидира на парламентарните избори, наведувајќи дека веднаш потоа е спремен на соочување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пленковиќ им кажа на новинарите дека сите пет протестни собири на опозицијата во саботата биле со многу мал број учесници, пренесува Хина.

„Не се знае кој беше послаб, значи сè се разводни и всушност ништо тука нема. Тоа се обиди за фабрикување кризи кои во Хрватска, реално, ги нема. Хрватска денес живее многу подобро отколку што се живееше претходно“, оцени Пленковиќ.

Хрватскиот премиер оцени и дека Милановиќ „ѝ граба гласачи на опозицијата“ и уште еднаш го обвини дека го крши уставот.

Милановиќ му одговори на Пленковиќ дека нема да поднесе оставка на функцијата бидејќи не сака, како што кажа, да му ја препушти Хрватска на премиерот и „неговата криминална организација“.

„Моја одговорност и должност кон граѓаните кои ме избраа, како и пред сите оние кои не сакаат да ја трпат диктатурата на Пленковиќ, е да спречам ХДЗ целосно да завладее со Хрватска“, порача Милановиќ на Фејсбук.

Тој наведе дека во текот на изминатите четири години како претседател на Хрватска успеал да зачува барем некои институции „од Пленковиќ и неговите јатаци“.

„Досега ги браневме институциите, а сега е време да ги ослободиме“, порача Милановиќ.

Милановиќ го одреди 17 април како датум за парламентарните избори во Хрватска, по распуштањето на хрватскиот парламент на 14 март.

Парламентарните избори првично беа планирани за есен, но владата одлучи да ги одржи пред изборите за Европскиот парламент во јуни.

Милановиќ кажа дека ќе се кандидира како независен кандидат на листата на Социјалдемократската партија на Хрватска, а дека претходно нема да поднесе оставка на местото претседател на државата.

Уставниот суд на Хрватска пресуди дека Милановиќ како непартиска личност не смее да биде кандидат за пратеник, ниту кандидат за претседател на владата на која било политичка опција, ниту пак смее да учествува во изборната кампања ако не поднесе оставка на функцијата претседател на државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ