четврток, 13 март 2025

Премиерот очекува пратениците да гласаат по свое убедување за интерпелацијата за Судскиот совет, претседателка – членовите да дадат оставки

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека има „многу основа за една критичка дискусија и дебата“ по однос на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет во Собранието, нагласувајќи дека очекува пратениците да гласаат по своја волја и убедување дека „ќе биде најдобро за иднината на државата и граѓаните“.

Објавено на

часот

Сподели

Прашан кои се очекувањата од најавената собраниска седница за членовите на Судскиот совет кои се гласат во парламентот, Мицкоски рече дека очекува „членовите на парламентот да гласаат онака, како што мислат дека треба да гласаат, во однос на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет, чиј избор е под ингеренција на парламентот“.

„Мислам дека има многу основа за една критичка дискусија и дебата, а секој од парламентарците треба да си одлучува според своја волја и онака како што мисли дека треба да одлучи, а што ќе биде најдобро за иднината на државата и на граѓаните. Тоа е суштината“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по потпишување на сепаратните договори меѓу АД ЕСМ и банкарска групација КфВ (KfW).

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ минатата недела до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет: Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Согласно собранискиот деловник и роковите, очекувањата се дека седницата на која ќе се расправа за интерпелациите би се одржала до, или на почетокот на март.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак очекува членовите на Судскиот совет да поднесат оставки. Според неа, интерпелацијата е апел до моралот на членовите на Судскиот совет, зашто тие не се избрани за да бидат судски скандал-мајстори, туку за да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт.

Исто така, претседателката смета дека треба да има законски механизми што ќе овозможат регрутирање на најдобрите во ваквите тела, а не акцентот да се става на политизираноста и партизираноста.

Претседателката не верува во податоците со кои излегоа судиите, дека довербата на граѓаните во судството е 20 отсто, а, одговорајќи на новинарско прашање, укажа и на „македонскиот парадокс“, дека интерпелацијата во државава нема завршница.

„Јас одамна, можеби меѓу првите, заедно со Коалицијата за правично судење, укажав на можноста од интерпелација. Точно е дека механизмот интерпелација во компаративното уставно право се однесува на одговорноста на министрите, но нашиот устав го познава и за сите избрани и именувани функционери. Првиот чекор беше изгласувањето, неприфаќањето на извештајот од Судскиот совет, што е веќе еден чекор на негово делегитимирање. Вториот чекор е интерпелацијата. Ако по почетокот судиме за завршетокот, јасен е резултатот, бидејќи, ми се чини, 67 пратеници застанаа зад иницијативата, а потребното мнозинство е 61. Значи, однапред се знае резултатот“, истакна Сиљановска-Давкова по настанот „Глобален женски појадок 2025“.

Таа напомена дека многу од сегашните членови на Судскиот совет не ги исполнуваат законските услови.

„Ако го препрочитате Законот за Судски совет, ќе видите дека многу од сегашните членови на Судскиот совет не ги исполнуваат дури ни оние услови што се запишани таму, а што треба да бидат гаранција за истакнатост од видот на 15-годишно искуство во правната сфера, докажаност, професори, стручност, компетентност… За многу од нив, некако повеќе личат придавките – партизирани, политизирани. Ако се вратиме назад, на генезата на проблемот со Судскиот совет, веднаш ќе заклучиме дека во судството, особено во Судскиот совет што како микроскоп ја следи работата на судиите, ги именува и разрешува, мора да има и голема доза на одговорност, а одговорноста е врзана за етиката. Мојот предлог тогаш беше дека одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа. А тие таму се избрани не за да бидат судски скандал-мајстори, туку за да оневзоможуват какво било скандализирање на независната судска власт. Еве, уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа. Ако на ова го додадете и процентот на граѓани кои не веруваат во Судскиот совет, јасно ќе биде дека ова е апел до моралот, етиката на судиите“, истакна претседателката.

Сиљановска-Давкова го посочи и законското решение според кое, претседателот на Судскиот совет може да биде само од редот на избраните од Собранието.

„Гледате ли тука логика? Не само што нема правна, туку нема ни елементарна логика. Значи, акцентот е на политизираноста и на партизираноста, штом само овие може да бидат. Македонскиот парадокс е и што интерпелацијата нема завршница. Слично е и со интерпелацијата во однос на министрите. И сите се чудат на тоа, зашто интерпелациите треба да имаат завршница. Кога се во прашање министрите, што значи тоа? Значи дека премиерот како прв во тимот, може кого и како сака да смени. Кај нас нема такво нешто, зашто сме си оставиле елементи од собранискиот систем“, рече Сиљановска-Давкова.

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот, но без право на глас.

Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ