сабота, 27 јули 2024

Премиерот на Грузија обвини неименуван еврокомесар за уцени и страшни закани

Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе денеска обвини неименуван еврокомесар за „уцена“ и испраќање „страшна закана“, во пресрет на новото гласање на грузискиот парламент за законот за таканаречено „странско влијание“ што го осудија Европската Унија и САД, против кој постојано се одржуваат демонстрации и на кој претседателката на Грузија стави вето.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според Кобахидзе, дотичниот „европски комесар“ во телефонски разговор ги спомнал мерките што Западот би можел да ги преземе доколку овој закон дефинитивно биде усвоен.

Во таа прилика, неименуваниот комесар наводно го споменал неодамнешниот атентат на премиерот на Словачка: „Видовте што се случи со Роберт Фицо. Треба да бидете многу внимателни“.

Покрај оваа „страшна закана“, Кобахидзе напомена и дека „високи странски политичари го уценуваат грузискиот народ и неговата демократски избрана влада“.

И покрај масовните протести и предупредувањата од Брисел и Вашингтон, грузискиот парламент на 14 мај усвои нацрт-закон за „странско влијание“, за кој неговите противници тврдат дека е направен по моделот на законот што се користи во Русија од 2012 година за да се потисне секоја опозиција.

Прозападната претседателка Саломе Зарубишвили стави вето на законот, но грузискиот парламент, во кој доминира партијата на премиерот Грузиски сон, планира да го отфрли на гласањето што се очекува следниот вторник.

Грузиските закони дозволуваат да се заобиколи претседателското вето и законот да стапи на сила кога ќе биде потпишан од претседателот на парламентот.

Законот бара секоја невладина организација и медиум што добива повеќе од 20 отсто од своите средства од странство, да се регистрира како „организација што ги следи интересите на странска сила“ и да се подложи на контрола на грузиската држава.

Грузија, поранешен член на Советскиот Сојуз, стана кандидат за членство во Европската Унија во декември 2023 година.

Иако Грузиски сон официјално ја поддржува уставната цел еден ден да се приклучи кон ЕУ и НАТО, партијата, која е на власт од 2012 година, во последните години ја приближи земјата до влијанието на Москва.

Русија е под санкции на САД и ЕУ поради инвазијата на Украина и војната што ја води против таа земја од 24 февруари 2022 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ