недела, 3 март 2024

Премиерот Ковачевски категоричен, коридорите 8 и 10 д сигурно ќе бидат изградени

Објавено на

часот

Сподели

„Согласно сегашните законски решенија кај нас и во моментов може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Има голем број работници кои работат и 50 часа по свој избор и со нивна согласност“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за огласот што го објави Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за вработување работници кои ќе работат на изградбата на четирите автопати од двата коридора 8 и 10д и дали ангажираните работници ќе работат неделно со 40-часовно работно време.

„Во моментов ние во нашата држава имаме закони кои што важат. Доколку се донесат законски решенија кои што ќе предвидат други услови за работа тогаш ќе се аплицираат тие други услови за работа. Инаку и сега кај нас согласно со законските решенија може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Така што има голем број работници кои работат и 50 часа по свој избор и со нивна согласност“, рече Ковачевски кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска беше во општината Бутел, на увид на изградбата на најголемата социјална зграда во државата.

Ковачевски истакна дека според договорот 51 отсто од работите треба да ги изведат македонски подизведувачи, а другиот дел се странски.

Премиерот повтори дека со изведувачот Бехтел и Енка е потпишан Договор на 400 страници, во кој се дефинирани сите обврски на двете договорни страни – на изведувачот и на државата Република Северна Македонија, претставувана од ЈПДП и Министерството за транспорт и врски, а за сите детали во текот на изградбата ќе информираат и Управувачкиот комитет и министерството и Јавното претпријатие.

„Одговорноста е на страните да изградат автопат – четири делници 110 километри најголема инвестиција во историјата на државата, поголема инвестиција не сме имале имале“, рече премиерот.

Тој повтори дека Договорот со Бехтел и Енка не се објавува, бидејќи како комерцијален договор, содржи делови со назнака на доверливост, односно деловна тајна на компанијата изведувач, податоци кои таа сака да ги заштити од конкуренцијата. Самиот Договор, додаде Ковачевски, веќе е доставен до Обвинителството.

„Владата од вчера веќе го овласти ЈПДП кое има добиено барање од ЈО да го достави договорот, тоа да го направи. И тоа ќе биде направено во најскор можен рок“, вели Ковачевски.

Премиерот нагласи дека коридорите ќе почнат да се градат и тие ќе бидат изградени.

„Сите оние кои не сакаат да ја видат државата со модерна инфраструтура, кои не сакаат да ја видат државата поврзана со земјите од регионот и како дел од ЕУ, за жал, ќе мора да ги разочараме дека ќе има и Коридор 8 и Коридор 10д и членство во ЕУ, исто како што имаше членство во НАТО“, рече Ковачевски. 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на новинарско прашање повтори дека сите обврски се опишани во Договорот, стартешки интерес и стратешка цел на државата е брза изградба и реализација на овој проект за изградба на коридорите, за што, како што рече, јавноста навремено ќе биде информирана за сите активности.

„Ќе информираме за сѐ и ќе ве повикаме каде треба да бидете за да дојдете и заедно да направиме увид во градежни работи, да информираме до каде е проектирањето на трасата, експропријацијата, процентите на експропријација, кои што ќе се водат во идниот период… Проектот е на Владата, таа ги реализира овие проекти и согласно на тоа поставува координатори инженери и лица од ЈП кои ќе ги координарат овие процеси со цел да бидат изведени брзо и навреме“, рече Бочварски прашан каде ќе биде означен почетокот на работите на коридорите кој е најавен за 22 април.

Во меѓувреме собраниската комисија за економски прашања денеска пратеничката Рина Ајдари, во име на предлагачите на измените на Законот за минерални суровини го отфрли првиот амандман на ВМРО-ДПМНЕ, со којшто се бараше бришење на членот 10 односно да остане постојното законско решение за издавање дозволи за ископување.

Амандманот го образложи пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека тие сметаат дека за издавање дозволи за ископување треба да остане постојното решение за побрзо издавање дозволи односно да се примени членот 14 ставот 3. 

Јаревски, меѓу другото, рече дека тие не се прашуваат дали со договорот со „Бектел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д ќе има штетни последици туку колкави ќе бидат штетите. Со решението што се предлага, кажа дека може да се копа каде сака и кога сака без оглед на штетите на животната средина, на околината, на културното наследство… Според него, предлагачите на законските измени не водат сметка за штетите што ќе настанат.  

„Ние можеме само да нагаѓаме бидејќи го немаме договорот. Ние нагаѓаме какви консеквенци може да имаме бидејќи не го знаеме договорот“, рече Јаревски.

Тој ги обвини колегите пратеници дека предлагаат законски измени, а не го виделе договорот. 

Фазли Бедри од ДУИ реплицирајќи му на Јаревски рече дека тие ги поддржуваат овие измени бидејќи сакаат да се забрза изградбата на коридорите и оти со законските измени треба да се олесни постапката за изградба на коридорите. Според него, ВМРО-ДПМНЕ се однесува како да не сака да се изградат коридорите. 

Претседателот на Комисијата Диме Велковски од СДСМ рече дека државата и институциите ќе контролираат каде и што ќе се копа.  

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека опозициската партија и тоа како сака да се изградат овие коридори и потсети дека плановите за нив се од времето на нивната Влада. Исто така тој посочи на нивните сомнежи за коруптивни активности.   

„Не е проблемот самиот проект, ниту пак некој е против проектите како што се обидувате да прикажете на јавноста, туку конкретниот проблем е можноста што вие преку овие предложени закони што не сте ги прочитале туку некој ви ги донел да ги потпишете, давате материјална основа за корупција во изведувањето на овој проект“, рече Стојановски. 

Пратеникот рече дека во членот 10 од постоечкиот закон има исклучива процедура како може да се додели концесија на некој концесионер и е добра и транспаретна. 

„Што се обидуваат пратениците на ДУИ да направат на закон на којшто нема ниту еден потпишан од СДСМ? Во ставот 12 концесија за детални геолошки истражувања може да се издаде директно на инвеститор заради изградба на европски патни коридори од стратешки интерес. И вие тука ќе кажете дека инвеститор е ЈПДП и тоа е многу погрешно и вие тука правите една врата во која што во ставот 3 во истоимениот член којшто не го менувате давате право добивање на концесија на детални геолошки истражувања на секое правно лице, вклучувајќи и правни лица кои се регистрирани тука, но и надвор од државата“, рече Стојановски. 

Тој исто така посочува дека со она што го предвидуваат измените во ставот 12 се предвидува органот на државна управа наделжен за дозволите за минерални суровини, а тоа е Министерство за економија во рок од 5 дена ќе достави до Владата образложен предлог и одлука за доделување на концесија за геолошки истражувања која во рок од 15 дена ќе донесе решение за доделување на концесија. 

„Што значи ова дека Министерството за економија водено од кадар на ДУИ, по никакви критериуми, по сопствен избор, ќе предложи до Владата каде што претседател на Управувачки комитет е повторно кадар на ДУИ и сето тоа согласно закон предложен од пратеници на ДУИ. Па ова ако не е корупција не знам што е“, рече Стојановски. 

Пратеникот на ДУИ Фазли Бедри реплицираше дека ако има елементи на корупција треба да се пријави. -Ќе видиме тогаш каде е корупцијата, рече пратеникот од ДУИ. 

На измените на Законот за минерални суровини се поднесени четири амандмани, од кои два од ВМРО-ДПМНЕ и два од пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО-НП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ