среда, 23 октомври 2024

Премиерот до утре ќе ја чека Арсовска да предложи план за Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски очекува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска или утре да организира координација со советничките групи во Советот на Град Скопје и да го презентира планот за подобрување на состојбите со хигиената и јавниот превоз во главниот град. Што се однесува до тврдењата на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши дека власта ја прислушкува ДУИ, Мицкоски кажа дека нема намера да се занимаваме со темни сценарија.

Објавено на

часот

Сподели

На новинарско прашање што доколку планот е неприфатлив Мицкоски денеска рече да се види првин планот истакнувајќи дека ќе се направи сѐ за да се заштити интересот на скопјани.

Според Мицкоски, Арсовска на завчерашната средба во Владата немала план и ѝ биле дадени неколку идеи.

„Немаше план. Јас ја повикав бидејќи бараше средба, но план не слушнав. Дадов неколку идеи. Очекувам денес, утре, да организира координација со советничките групи и да го презентира планот конечно. Првин да го видиме планот на градоначалничката па потоа се разбира дека ќе сториме се за да го заштитиме интересот на скопјани“, изјави Мицкоски, при посетата на Неготино.

Наспроти тврдењата на Мицкоски Арсовска вели дека изнела план, но бил одбиен и било побарано да подготви нов, како и дека причина за состојбите во градот се блокадите од советнилката група на ВМРО-ДПМНЕ и неизгласаните програми на јавните претпријатија.

Што се однесува до тврдењата на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши дека власта ја прислушкува ДУИ, Мицкоски кажа дека нема намера да се занимаваме со темни сценарија.

Мицкоски изјави дека е несериозно е да коментира изјави на поединци, поранешни политичари и упати да се бара одговор од институциите.

„Одамна помина безредието овде кај нас во Македонија со формирањето на новата Влада. Политичарите кои ги злоупотребуваа институциите, замина во историјата, на темната страна на историјата. Оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има задача реформа, да ја врати надежта кај граѓаните. Немаме намера да се занимаваме со такви темни сценарија. Тие темни сценарија ги оставаме на оние кои спортуваа, играа фудбалчиња и баскетче во канцеларии, кои купуваа трговски центри, кои градеа империи на грбот на граѓаните, кои ги ограбуваа граѓаните, отвораа фабрики со марихуана, издаваа пасоши на белосветски криминалци и нарко дилери…“, нагласи Мицкоски по поставувањето камен-темелник за изградба на нов градски пазар во општина Неготино.

Премиерот порача дека сакаат да гледаат напред и сакаат прогрес.

„Нас нѐ интересираат нови пазари, нови булевари, нови автопати, нови инвестиции, субвенции, повисоки пензии. Тоа е интересот на оваа Влада. Изјави на вакви политички маргиналци не би коментирал“, потенцира Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ