Премиерката денес во Рим, за време на последниот предизборен митинг на својата десничарска партија Браќа на Италија кажа дека партијата треба да го направи во Брисел она што е направено во Рим (победа на парламентарните избори во септември 2022 година).
Џорџа Мелони изрази желба „да изгради десничарска влада и во Европа и дефинитивно во опозиција да ја испрати левицата, која нанела толку штета на европскиот континент во текот на сите овие години“.
„Се наоѓаме пред пресвртница и изборите се некој вид референдум меѓу двете спротивставени визии за Европа“, кажа таа пред илјадниците поддржувачи во центарот на Рим.
„ЕУ мора да им биде партнер на националните држави, а не надградба која ги задушува“, кажа италијанската премиерка пред натписот „Со Џорџа, Италија ја менува Европа“.
Таа ја обвини ЕУ дека премногу се фокусира на регулативата и администрацијата, особено на еколошките прашања, и дека станала „рај за бирократите и пекол за оние кои работат“.
Анкетите предвидуваат пробив на европските партии од екстремната десница на изборите кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни, иако се очекува традиционалните партии да останат водечки во Европскиот парламент.