„Рускиот потег не е изненадувачки. Ова е уште еден доказ дека го правам вистинското нешто. Силната поддршка на Европската Унија на Украина претставува успех и тоа ја боли Русија“, оцени Калас на социјалната мрежа Икс.
Таа истакна дека руската тактика не се сменила и дека станува збор за држава која „низ историјата ја криела својата репресија зад таканаречените агенции за спроведување на законите“.
„Го знам ова од историјата на моето семејство. Кога мојата баба и мајка биле депортирани во Сибир, КГБ го издал налогот за апсење. Кремљ сега се надева дека овој потег ќе помогне јас и другите да замолчиме, но тоа нема да се случи. Токму спротивното“, порача Калас.
Додаде дека ќе продолжи силно да ја поддржува Украина и дека ќе продолжи да се залага за јакнење на одбранбените капацитети на Европа.
Руските власти ја ставија претходно денес на потерница премиерката на Естонија поради уништувањето на спомениците на советските војници во таа балтичка држава.
Покрај Калас, на потерницата се и државниот секретар на Естонија Тајмар Петеркоп и литванскиот министер за култура Симонас Кајрис.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека Калас е на потерницата поради „сквернавење на историските споменици“, а руската агенција ТАСС прецизираше дека балтичките државници се обвинети за „уништување на спомениците на советските војници“.
Руското министерство за надворешни работи порача дека „ова е само почетокот“.
„Злосторствата против сеќавањето на ослободителите од нацизмот и фашизмот мора да бидат процесирани“, порача портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.