Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добро познатите ликови од драмите на Стефановски.
„Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни. Воедно, би сакал да изразам благодарност до Македонски телеком што иницираше и поддржа еден ваков театарски проект“, изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.
Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги одеднаш. Актерската екипа која ќе се појави на сцената на МНТ е составена од: Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Претставата е режирана од Нела Витошевиќ, по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во креативниот дел се потпишуваат уште и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски, костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Претставата „Замисли нов свет“ е проект на Телеком во соработка со МНТ, идеја на маркетинг-агенцијата Saatchi&Saatchi Скопје дел од Публицис групацијата, а инспирирана од творештвото на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски, со кој ќе бидат заокружени активностите од иницијативата #НаправиМесто за 2024 година.
„Делата на Горан Стефановски се врежани во нашата меморија, подеднакво се силни и денес и нѐ обединуваат: да се прифатиме кои сме, да ги надминеме предрасудите и вистински да се поврземе. Годината ја почнавме со оваа тема, и ја завршуваме со истата порака, преку театарот како медиум кој се обраќа на целата јавност и преку делата на Стефановски. Претставата ’Замисли нов свет‘ е нашата инвестиција во културата и македонските уметници кои оставиле белег и чии дела треба да се пренесуваат“, изјави Емилија Андоновска.
Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овојпат во продукција на „Сектор филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.