Во улогата на тројцата пријатели се појавуваат кичевските актери: Михајло Петревски, Ристе Ѓорѓиевски и Станко Стевановиќ, двете девојки на шанкот ги глумат: Тамара Ристоска и Весна Гаврилоска. Продажбата на артефактот се одвива помеѓу ликовите кои ги глумат: Ивица Димитријевиќ, Игор Бошкоски, Дарко Мече Костески и Андреј Дукоски. Врската помеѓу сите овие ликови се сопственикот на кафулето и вработениот кои ги познаваат посетителите на локалот, кои ги глумат: Тале Никодиновски и Ренато Јеремоски.
Филмот е во режија и сценарио на Златко Ѓелески, продуциран е од страна на Бранко Стојаноски, работен за „Блу Медија Моушен“ од Кичево. Монтажата и визуелните ефекти ги работи Љупчо Темелковски, директор на фотографија е Владимир Димоски, звукот е на Горазд Радески, а музиката е на Љупчо Стефаноски.
Ова е третиот краток игран филм режиран од страна на Ѓелески, претходните два филма се: „Од другата страна“ и „Мемоари“, а Ѓелески и Стојаноски претходно соработуваа на филмот „Центроид“ од 2022 година, кој го режираше Стојаноски. Краткиот игран филм „Слобода“ е финансиран со помош од фирмите од Кичево, со цел да се помогне збогатувањето на културниот живот во градот.
Влезот на проекцијата е слободен.