петок, 27 декември 2024
Андреј Мачковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Преку космичко зрачење до археолошко датирање

Во нова студија објавена годинава, презентирано е првото датирање со годишна прецизност на неолитски локалитет од Балканот со старост од над 7.000 години.  
Поглед на локалитетот од дрон. Во долниот дел видлива е реконструкцијата/музејот, а погоре, десно од камбаната се археолошките сонди. Во далечината видливи делови од градот Костур околу Костурско Езеро. UniBern/Marco Hostettler

Ова е постигнато преку комбинација на дендрохронологија и мерење на космогениот изотоп на јаглеродот Ц-14 (радиокарбон) во годовите (прстените) на дрвените колци од наколната населба во Диспилио, Костурско Езеро, Грција. Во годовите на колците користени за изградба на неолитските објекти  идентификуван беше ненадејниот скок во концентрацијата на радиокарбон во 5259 година пред нашата ера, предизвикана од зголемено космичко зрачење. Новата студија е спроведена во рамки на меѓународен проект предводен од Универзитетот во Берн, Аристотеловиот Универзитет во Солун, и Швајцарскиот Федерален Технолошки Институт.

Археолошките ископувања во Диспилио и остатоците од праисториските дрвени колци. До средината на 20-ти век овој дел бил сосема под вода, а денеска е само спорадично потопен. Dispilio Excavation Archive

Датирањето е основна алатка во археологијата без која не можат да се разберат нити воспостават односите меѓу различни локалитети и појави. Прецизното датирање е предизвик дури и во периоди за кои постојат пишани извори, а пак добивањето дата за праисториски локалитет со старост од преку 7.000 години, многу години пред писменоста, е уште поголем предизвик. Неолитот е периодот кога, преку процесот на припитомување на растенија и животни, за прв пат земјоделството и сточарството стануваат главен начин за производството на храна во регионот на источна Анадолија и Месопотамија. Многу важна е хронолошката прецизност за неолитски локалитети од појужните делови на Балканот со оглед на тоа дека неолитот во Европа првпат се појавува токму тука пред околу 8.500 години. Во Македонија овој почетен период на неолитот претставен е со локалитетот Влахо во Пелагонија, чии најрани фази се пред околу 8.300 години.

Неолитски антропоморфен керамички сад од Диспилио и накит. Dispilio Excavation Archive

Дендрохронологијата е дисциплина која се занимава со истражување на годовите (прстените) на дрвата. Мерењето на годовите овозможува апсолутно датирање на дрвени елементи и предмети со едногодишна прецизност, и дава информации за климата во минатото. Ширините на годовите на дрвата варираат од година до година како резултат на варијациите на климатските услови. Па така, во добра година годот ќе бие поширок, а во лоша потесен. Мерењето на овие варијации во ширините на годовите произведува еден вид на „баркод“ од тесни и широки годови, карактеристичен за повеќето дрва во еден регион и период. Преклопувањето на овие низи на „баркодови“ на ширини на годови овозможува создавање на т.н. референтна хронологија на годови, регионален запис на климатските варијации во еден регион и период. Ваквите записи на годови можат да се протегаат од денес, па сѐ до илјадници години во минатото, претставувајќи референца за апсолутно датирање на предмети од дрво.

Но, за Балканот, како и во поширокиот источномедитерански регион, не постојат апсолутно датирани хронологии на годови кои се протегаат назад до неолитот. Поради ова, дендрохронолошкото датирање мора да биде комбинирано со радиокарбон датирање.

Фотографија под микроскоп од процесот на одделување поединечни годови од примерок од дрво фоја за радиокарбон датирање. UniBern/Andrej Maczkowski

Радиокарбонот (радиоактивниот изотоп на јаглеродот или Ц-14) е присутен во сите живи организми. Тој е дел од јаглерод диоксидот во атмосферата и е апсорбиран од растенијата преку фотосинтеза. За разлика од „обичниот“ јаглерод (Ц-12), Ц-14 е нестабилен, односно радиоактивен. Кога „дотурот“ на радиокарбон завршува со смртта на организмот (растение или животно) почнува неговиот радиоактивен распад. Периодот кога содржината на радиокарбон ќе биде половина од оригиналната кога организмот умрел, изнесува околу 5.730 години. Па така, мерењето на концентрација на радиокарбон во археолошко дрво овозможува приближна определба на староста на дрвото, но оваа прецизност не е годишна, ами во декади или векови. Мерењето на радиокарбон во серија на годови овозможува зголемување на прецизноста. Но тоа што овозможува годишна прецизност е неодамна откриениот т.н. „Мијаке настан“ (Miyake event) од 5259 година п.н.е. во годовите на дендрохронолошки датирани дрва ширум светот. Мијаке настан е термин кој опфаќа најмалку пет моменти во последните 10.000 години кога се случиле драстични, неколкукратни зголемувања на радиокарбон во атмосферата. Ваквите флуктуации се најверојатно резултат на силни сончеви бури, кога огромен број честички од Сонцето ја погодуваат Земјата произведувајќи дополнителен радиокарбон во атмосферата. Доколку ваква бура би се случила денес најверојатно би онеспособила голем дел од сателитите и електричните мрежи.

Музејот во близина на локалитетот, хипотетичка реконструкција на тоа како можела да изгледа неолитската населба, но реконструкцијата не соодветствува со новите дендрохронолошки резултати. Andrej Maczkowski

Откривањето на еден од овие Мијаке настани во годовите на колците од Диспилио овозможи прецизно годишно датирање на хронологија на годови од Диспилио долга 303 години со последен год во 5140 година п.н.е, во доцниот неолит. Со ова се заобиколува потребата од континуирана низа на годови која би се протегала од денес па се до 6-тиот милениум п.н.е. Дендрохронолошкото датирање исто така за прв пат овозможува реконструирање на градежните активности на еден неолитски локалитет со годишна прецизност. Па така на пример, на една локација во истражуваниот дел во Диспилио може да се следат фазите на реконструкција на еден објект иницијално подигнат во 5328 година п.н.е, потоа обновен во 5294 година п.н.е, за последна обнова да добие во 5287 година п.н.е.. Ваквиот распон од 35-37 години помеѓу фазите на обнова можеби кореспондира со траењето на една генерација.

Сериите на годови исто така служат како показател за климатските варијации во истражуваниот период. Така за првпат ќе може да се реконструираат влијанието на варијациите на врнежи врз раните земјоделски заедници со годишна прецизност.

Археолог Андреј Мачковски

(Текстот е објавен во Nature Communications, со придонес од коавторите.  Мачковски е археолог кој во рамки на докторските студии е одговрен за дендрохронолошките истражувања на повеќе локалитети во рамки на мултидисциплинарниот европски истражувачки проект  EXPLO (https://exploproject.org), кој е соработка меѓу Универзитетот во Берн, Швајцарија, Аристотеловиот Универзитет во Солун, и Оксфорд, Британтија.  Во рамки на  EXPLO исто така беа истражувани и подводните локалитети Плоча Мичов Град – Залив на Коските и Вбрник кај Струга, како и Лин од албанската страна на Охридско. Сататијата во Nature Communications е дел од докторатот на Мачковски на Унвиерзитетот во Берн. Тој додипломски студии заврши во Скопје на Институтот за историја на уметноста и археологија, а магистерски на Универзитето во Феррара, Италија.)

 

 

КОЛУМНИ

Ненад Мицов

Доброволна сексуална работа – мит, сензација или реалност?

Рајко Пеколски

Акционери и реакционери (либерал-капиталистичка бајка)

Кики Стаматојани

„Ништо не се губи, ако барем еден човек се сеќава“

Ристо Цицонков

За некои термини во областа на енергетиката

Љубомир Николовски

НБА еволуција: од Џордан, преку Кари до Јокиќ, Дончиќ и Вембањама

Соња Стојадиновиќ

ЕУ и САД наспроти Кина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ