четврток, 26 декември 2024

Предвремено гласање на претседателските избори во САД: „Многу е неизвесно“

Жителите на американската сојузна држава Вирџинија можат да гласаат на различни начини: во живо, на денот на изборите, но и порано, на однапред одредени локации и по пошта. Предвременото гласање за општите избори оваа година започна на 20 септември и трае до 2 ноември.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Гласањето обично се организира во градови или окрузи, од кои многу избираат и свои локални власти. Арлингтон е најмалиот округ во Соединетите Американски Држави во кој се избира локална самоуправа, а од главниот град Вашингтон го дели само реката Потомак.

Сепак, тој е густо населен, па има 164.107 регистрирани гласачи, кои имаат на располагање четири локации за предвремено гласање, вклучувајќи го и базенот Лонг бриџ и фитнес-центарот.

Изборниот процес на ова избирачко место го надгледува Чарлс Лума-Оверстрит.

„Во САД, сојузните држави одлучуваат за правилата на гласање, така што во секоја држава е малку поинаку. Овде во Вирџинија, почнувајќи од 20 септември, гласачите имаат можност да гласаат пред изборите“, објаснува Лума-Оверстрит. „Не е потребна некоја посебна причина, туку отвораме неколку центри каде што гласачите ќе можат да дојдат, да се претстават и да гласаат порано, најчесто затоа што нема да бидат дома на денот на изборите. Или можеби затоа што имаат други обврски или може да имаат потешкотии да дојдат тој ден“.

Заклучно со 31 октомври, во Арлингтон предвремено гласаа повеќе од 46.000 луѓе – повеќе од една четвртина од регистрираните гласачи.

Меѓу нив е и Тања Роџерс, која за Гласот на Америка вели дека одлучила да гласа предвреме за да избегне гужва: „Секогаш гласам рано за да ги избегнам редиците на денот на изборите“.

Џорџ Таљаферо вели дека предвременото гласање му одговара „бидејќи ми е згодно да гласам во време што има смисла за мојот распоред“.

Елизабет Хоџис првпат оваа година гласа во округот Арлингтон.

„Избрав да гласам порано бидејќи мислам дека тоа е важно. Исто така, сакам да ги избегнам редиците и ме интересираше да видам како оди тој процес“, вели Хоџис.

Соговорничка на Гласот на Америка, која се претставила само со нејзиното име – Меги – навела неколку причини зошто гласа пред 5 ноември: „Решив да гласам предвреме затоа што, прво, на денот на изборите ќе патувам. Второ, мора да се уверам дека моето гласачко ливче е изброено. И трето, вака им е полесно на волонтерите, кои потоа не мора да ме повикаат за да ме прашаат дали сум гласала.“

Лен Фанк вели дека гласал предвреме бидејќи има 82 години и сакал да биде сигурен дека ќе стигне да гласа: „Ова се најважните избори во нашата историја“.

Јулија Драгун гласала пред денот на изборите бидејќи вели дека работи како наставничка „пет дена во неделата“, па оваа можност ѝ е попрактична: „Ако можам тоа да го сторам денес, ќе го сторам денес, наместо да чекам до петти и да видам дека врне, снежи или нешто слично“.

Републиканците во минатото на претседателските избори во Вирџинија долго време добиваа повеќе гласови, но нивниот кандидат последен пат победи во 2004 година. Тогаш Џорџ Буш Помладиот беше поуспешен од Џон Кери. Пред тоа, демократскиот кандидат – Линдон Џонсон – победи дури во 1964 година.

На минатите избори Џозеф Бајден освои 2.413.568 гласа во Вирџинија, околу 450.000 повеќе од Доналд Трамп, пред сѐ благодарение на големата предност на северот на државата, каде што се наоѓа и Арлингтон.

Во Арлингтон Бајден освои 105.344 гласа, речиси пет пати повеќе од Трамп. На овие избори кандидат е и Трамп, а противкандидат му е Камала Харис. Анкетите покажуваат дека трката ќе биде тесна, но во Вирџинија води американската потпретседателка.

Изборните претставници велат дека интересот за изборите е голем.

„Ова се претседателски избори, така што има многу ентузијазам и многу страст и луѓето доаѓаат да гласаат. Отсекогаш сме имале подобра излезност на тие избори. Последните општи избори беа за време на ковидот и тоа беше нешто сосема друго. Но имаме голем интерес, многу луѓе се мошне заинтересирани за исходот на изборите и тоа е суштината на демократијата“, вели Лума-Оверстрит.

Гласот на Америка ги прашал гласачите во Арлингтон што очекуваат од изборите.

Меги вели дека очекува демократија, а Роџерс се надева на висока излезност и дека секој ќе го искористи своето право на глас.

„Не знам. Многу сум нервозна“, вели Хоџис, одразувајќи ја загриженоста на многу Американци. „Се надевам дека сè ќе биде добро“.

„Многу е неизвесно“, вели Драгун. „Зависи од тоа со кого слушаш, со кого разговараш. Но за мене сите избори се важни. Тоа е привилегија кога си Американец.“

Освен за претседател и за претставници во Конгресот, Американците обично гласаат и за други нивоа на власта, како што се окружните или училишните одбори. Исто така, на гласачкото ливче во Арлингтон оваа година се иницијативите за доделување пари од даночните обврзници за проекти за образование и инфраструктура.

Хоџис вели дека за неа се важни изборите за сите нивоа: „Мислам дека сето тоа е важно, особено по изминатите неколку години, целата контроверзност со изборите на училишните одбори и околу тоа што децата можат, а што не можат да читаат во училиштата“.

Роџерс вели дека размислувала за локални иницијативи, ги истражувала – и на крајот гласала за нив.

„Меѓутоа, првенствено сум заинтересирана за националните и изборите во државите“, додава Роџерс.

Денот на изборите во САД е 5 ноември, а експертите предупредуваат дека за конечните резултати би можело да се почека неколку дена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ