Во септември 2023 година Скопје ја доби официјалната номинација за Европска престолнина на културата за 2028 година. За ова во јануари 2024 година потпишана е официјална документација за формализирање на номинацијата, односно договор со Европската комисија во Брисел.
Под раководство на градоначалничката Данела Арсовска, Градот Скопје не направи значителен напредок во исполнувањето на директивите наведени од Европската комисија во изминатите 15 месеци. Ова го пишува во првиот мониторинг извештај, кој го оценуваше статусот на градот и резултатите од состаноците одржани во април и октомври 2024 година, како дел од тековниот процес на евалуација.
„Во првичната дискусија пред да се осврне на шесте критериуми кои ја регулираат акцијата за Европска престолнина на културата, панелот (9 претставници од ЕУ) изрази значајна загриженост дека извештајот поднесен од градот Скопје не се придржува до деталните упатства дадени од Европската комисија“.
Ова го отвори прашањето дали Скопје, всушност, ќе може да ги испорача високите стандарди што се очекуваат за европска престолнина на културата до 2028 година, во согласност со обврските преземени во договорот со Европската комисија. Според последните информации, ситуацијата стана критично загрижувачка, со тоа што градот Скопје се ближи до одлука што може да резултира со одземање на номинацијата за европска престолнина на културата за 2028 година. Дури е можно официјалното објавување на оваа одлука да се направи веќе следната недела.
Ваквиот исход би означил настан без преседан во 40-годишната историја на иницијативата на Европската престолнина на културата организирана од ЕК.
„Моето познавање на внатрешната работа на Европската комисија во Брисел, неодамнешните информации што ги добив беа точката на врвот на моето трпение. Стана очигледно дека е изгубена цела година и се случија значителни доцнења во подготовките за 2028 година. Извештајот од мониторингот покрена сериозна загриженост за потенцијалниот преседан што наскоро може да се случи. Ваквиот исход е неприфатлив за мојот град, мојата Македонија, особено поради неспособноста на одредени поединци. Како резултат на тоа, презедов иницијатива решително да се посветам на ова прашање. Во моите разговори со високи претставници на Европската комисија во Брисел, добив уверување дека овој проблем може да се реши само преку назначување на нов тим за спроведување на иницијативата. Овој пристап се усогласува со две слични ситуации кои тие ги имале во изминатите 38 години, а и двете биле успешно решени преку вакви мерки и иницијативи. Понатаму, комуницирав со истакнати личности и експерти од областа на културата и уметноста во Македонија, кои ја изразија својата целосна поддршка за оваа иницијатива и истите се потпишаа и го заложија својот кредибилитет. За таа цел, испратив официјално писмо до Европската комисија во Брисел, поточно до Дирекцијата за култура, креативност и спорт – Одделение Д2, во кое ја истакнав мојата определба и посветеноста на иницијативниот комитет. Овој напор ќе биде зајакнат и со граѓанска петиција“, вели Илија Вучков, директор во АКРИД нетворк (ACRID network – приватна иницијатива, независна, непартиска, неполитичка, меѓународна мрежа за наука, иновации, истражување и развој – Мрежа за истражување, иновација и развој на здружени земји-кандидати.
Вучков повикува на потпис на петицијата за одземање на правото на градоначалничката Данела Арсовска да ја организира европската престолнина на културата 2028 година.
Вучков е повеќе од 15 години активно ангажиран во развојни и иновативни проекти, вклучувајќи ги и оние финансирани од програмите на Европската комисија. Тој води мрежа на партнерски организации во европски проекти каде се високо образовни институции, приватен сектор и јавен сектор каде се и главни градови, градови и општини, региони и институции на 150 милиони жители или една третина од ЕУ.
„Оваа иницијатива е проактивен напор да се спречи историски преседан во кој еден град е номиниран и последователно одземен од титулата Европска престолнина на културата. Иницијативниот комитет се состои од истакнати личности од културниот сектор кои, како мене, не можат да молчат за алармантната состојба на работите истакната во мониторинг извештајот на Европската комисија“, вели Вучков.