По интонирање на државната химна, аудиториумот во исполнетата сала имаше можност да проследи синхронизирана изведба на повеќе нумери од повеќе светски и македонски композитори. Концертот на воените оркестри од сојузничките земји, како и од земјите од регионот и пошироко, прерасна во проект во рамките на меѓуармиската соработка, кој традиционално се изведува неколку години во пресрет на Нова година или друг државен празник, претставувајќи го силното партнерство и трајните врски на пријателството и соработката.
Предновогодишниот концерт го проследија претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.