среда, 1 јануари 2025
Данијела Зорчец

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Предизвикувачки однесувања кај деца со тешкотии во развојот: Што треба да знаеме

Со фокусирање на разбирањето, на структурата и на позитивното поткрепување, може да се создаде средина која ќе ги поддржува децата.

Деца со тешкотии во развојот се деца што имаат долготрајни физички, ментални, интелектуални или сетилни оштетувања што, во интеракција со различни бариери, можат да го попречат нивното целосно, еднакво и успешно учество во општеството. Однесувањето на децата може да се опише како предизвикувачко кога е со таков интензитет, фреквенција или времетраење што го загрозува квалитетот на животот и/или безбедноста на поединецот или на другите и веројатно ќе доведе до одговори кои се рестриктивни, аверзивни или резултираат со исклучување.

Видови предизвикувачки однесувања

Видови предизвикувачки однесувања се агресивното однесување, неусогласеното однесување, уништувањето предмети, самоповредувачкото однесување, повторливите моторни или вокални однесувања, нападите на бес и „растопувањето“.

Агресивното однесување може да се манифестира вербално (закани, погрдни изјави…) или физички (удирање, гризење, клоцање…), и притоа, може да предизвика штета на другите. Агресивното однесување се смета за втор најчест проблем кај децата со тешкотии, особено кај оние со интелектуална попреченост, кои имаат поголема веројатност да имаат проблеми во однесувањето од другите. Ова е резултат на нивното неприлагодување на барањата на заедницата, на недостатокот на ментална или сензорна перцепција на стимулите околу нив, како и на недостатокот на разбирање за прифатената социјална рамка. Кај децата со аутизам на пример, агресијата се јавува кај 22-56% од случаите.

Неусогласеното однесување вклучува неуспех да се одговори соодветно на барањата и често е поврзано со агресијата. Тоа влијае на развојот на вештините и на севкупниот развој на детето. Третманот треба да биде индивидуализиран и да се фокусира на користење на техники за позитивно поткрепување, јасни инструкции и структуриран пристап за развој на соодветни одговори и однесувања.

Уништувањето на предмети (кршење, кинење или оштетување) е исто така честа појава кај децата со тешкотии во развојот. Тоа е често резултат на зголеменото ниво на анксиозност, на сензорни тешкотии, тешкотии со сонот, чувство на болка и слично.

Самоповредувачкото однесување, вклучува удирање на главата со рацете или во ѕид, удирања по телото, гризење, гребење и слично и се јавува кај приближно 50% од децата со тешкотии во развојот. Тоа предизвикува загриженост за безбедноста на децата, чести хоспитализации и примена на фармакотерапија.

Повторливите моторни или вокални однесувања (нишање, вртење, потскокнување, викање…) се вообичаени кај деца со тешкотии во развојот. Иако помалку загрижувачки од другите однесувања, тие можат да го попречат развојот на вештините, да предизвикаат социјална стигма и да ескалираат во самоповредување.

Нападите на бес се чест проблем во однесувањето кај децата од предучилишна возраст кои можат да го изразат својот гнев со легнување на подот, клоцање, врескање и повремено задржување на здивот. Бесот е особено присутен кај децата кои сè уште не се способни да користат зборови за да ги изразат своите фрустрации.

Причините за напади на бес се многубројни. Некои од причините се показатели за семејните проблеми: неконзистентна дисциплина, премногу критикување, презаштитнички или занемарувачки родители, примери кога децата немаат доволно љубов и внимание од родителите, проблеми во бракот, интервенирање или прекинување на играта, емоционални проблеми кај било кој родител, средби со непознати лица, ривалство со браќата или сестрите, проблеми со говорот или физичка болест…

Во ситуации на напади на бес родителите треба да останат смирени и во моментот да не се расправаат со детето. Доколку родителот забележи дека детето може да направи напад на бес, треба да се наведне до нивото на очите на детето и да каже: „Почнуваш да се возбудуваш, успори“. Исто така, може да му се посочи на детето да земе пауза од активноста или да се упати на некое тивко место каде што ќе може да се смири, да размисли што треба да направи и со помош на возрасниот да направи план за промена на однесувањето. Особено е битно да се превенира, детето кое е надвор од контрола, да не се повреди себеси или некој друг. Доколку кај дете ескалира нападот на бес, до точка во која не може да се интервенира, насочувањето на детето на тајм-аут може да помогне.

Растопувањето” е предизвикувачко однесување кое се манифестира со  преинтензивен одговор на одредена преплавувачка ситуација. Тоа се случува кога детето ќе стане целосно обземено од моменталната ситуација и привремено ќе ја изгуби контролата врз своето однесување. Оваа загуба на контролата може да се изрази вербално (викање, врескање, плачење), физички (клоцање, мавање, гризење) или и на двата начина.

Стресните фактори кои можат да му претходат на „растопувањето“, вклучуваат сензорно или емоционално преоптоварување со информации, бројни или премногу тешки задачи или барања за изведба, неочекувани промени во животот и/или промени во животната средина или барање да се справи со непознатото, интензивна фрустрација поради неможност да се регулираат очекуваните исходи.

Главната разлика помеѓу нападите на бес и „растопувањето“ е во тоа што кај нападите на бес има одредена цел, па заради тоа се случува даденото однесување, а „растопувањето“ е резултат на сензорно преоптоварување и не е манипулација.

Справување со „растопувањето“

„Растопувањето“ е честа појава кај децата со аутизам и претставува потенцијална опасна ситуација, но една од техниките која може успешно да го разреши нејзиното појавување или ескалирање е SCARED методата.

SCARED (Safe, Calm, Afirmation, Rutine, Empathy и Develop) е интервентна стратегија за деескалација на растопувањето што е можно побрзо.

S-Safe (безбеден): Почетниот фокус треба да биде обезбедување средина која е безбедна и сигурна. C-Calm (смирено): Важно е да се остане смирен. Нема потреба да се биде надвор од контрола. A-Affirmative (потврда): Важно е да се обезбеди валидација на афектот и да се укаже дека поединецот прави најдобро што може за да ја реши ситуацијата. R-Routine (рутина): Многу поверојатно е комфор-зоната на поединецот да биде во неговото/нејзиното повторување на рутините. ЕEmpathy (емпатија): Разбирање на перспективата на поединецот. D-Develop (развијте стратегија за интервенција): Планот за интервенција ја намалува зачестеноста, времетраењето, интензитетот и негативните исходи од „растопувањето“.

Помош од возрасните при предизвикувачко однесување?

Возрасните можат да помогнат, пред се, со препознавање на раните предупредувачки знаци на предизвикувачкото однесување, потоа, со едноставна комуникација (на пример, знак за „запри“) и со разговор со детето на начин на кој тоа добро реагира. Тие можат да понудат и награди – пофалби (на пример – „добро направено“, „тоа е одлично“, знак со палците нагоре), да постават граници – за детето да знае какво однесување се очекува од него… Неопходно е воспоставување на рутина и структура (визуелен план за денот што детето треба да го следи за да знае што ќе се случи следно), треба да се користат пренасочување или одвлекување на вниманието,  со гестови/знаци на телото. Ако е безбедно, можно е нереагирање или „игнорирање“ на однесувањето, како и повлекување од ситуацијата.

Треба да се биде внимателен бидејќи постои ризик однесувањето повторно да ескалира. Поради тоа е важно е на децата да им се даде време и простор, да им се обезбеди време за одмор или за спиење, да им се даде нешто за јадење или пиење, да се вклучат децата во некоја мирна активност, како гледање убава содржина на ТВ, да се обезбеди прошетка, да се разговара со детето… Но, најважно е да се провери дали сите луѓе вклучени во ситуацијата се смирени и безбедни.

Со фокусирање на разбирањето, структурата и позитивното поткрепување, може  да се создаде негувачка средина, која ќе го поддржува развојот на детето.

Данијела Зорчец

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Земја

Светлана Јовановска

Дали 2025 ќе биде годината на Трамп?

Ристо Цицонков

Енергетска ефикасност – УКИМ треба дабиде добар пример

Сања Божиновска

Eнергетската иднина на Македонија се гради денес

Андреј Мачковски

Преку космичко зрачење до археолошко датирање

Ненад Мицов

Доброволна сексуална работа – мит, сензација или реалност?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ