понеделник, 10 март 2025

Предавање во МAНУ на Игор Радев: „Византија на патот на свилата: византиско-кинески контакти во раниот среден век“

Во Македонската академија на науки и уметности денеска предавање ќе го одржи д-р Игор Радев на тема „Византија на патот на свилата: византиско-кинески контакти во раниот среден век“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што стои во највата, предвањето ќе се одржи  во амфитеатарот на МАНУ со почеток во 13 часот.

Во текстот во прилог кон предавањето се посочува дека до првите заемни осознавања помеѓу Римската империја и Кина при династијата Ха̀н (漢; 205 п.н.е – 220 н.е.) доаѓа во текот на I век, кога и се отвора т.н. Пат на свилата, како трансверзала за економска, а посредно и културна размена на евроазиските простори.

„Класични извори, како Страбон, Помпониј Мела, Плиниј Постариот ја именуваат Кина – Serica / Σηρική, Σῆρες / Seres < 絲 (сӣ’/ *slw; „свила“), додека други, како Птоломеј или анонимното дело Опловување на Еритрејското море (Περίπλους τῆς Ἐρυθρᾶς Θαλάσσης) користат и варијанти на називот – Sinae / Σίναι / Θῖνα < 秦 (‘Чӣн). Паралелно, и кинески историографски дела, како Книгата на подоцнежниот Ха̀н (後漢書) содржат информации за Римската држва именувана како Та̀ ‘Чи́н (大秦), чиј извор несомнено била експедицијата на Ка̄н Јӣнг (甘英) на Запад од 97 н.е.

Од доцната Антика и натаму низ раниот Среден век, врските на Источното римско царство, т.е. Византија, по Патот на свилата со Истокот само се продлабочуваат. Официјалната историографија на династијата ‘Та́нг (唐; 618-907) во Кина бележи најмалку четири пратеништва дојдени од Византија (643 г., 667 г., 701 г. и 719 г.), именувана сега како Фу́ ли̌н (拂菻). Во овој назив, со реконструиран среднокинески изговор како *piət (*p ͪut) – *lim или старокинески *phǝt – *rem посредно веќе се содржи името на Рим, т.е. Roma / ‘Ρώμη. Воедно, Старата книга на ‘Та́нг (舊唐書) дава и опис на првата арапска опсада на Константинопол (674-678) под омајадскиот халиф Муавија (вл. 661-680). Слично, пак, и византискиот историчар Теофилакт Симокатта (circa VII век) бележи внатрешни случувања во Кина сврзани со основањето на династијата Су́ј (隋; 581-618). Кај него Кина е именувана како Ταυγάστ што доаѓа од турскиот назив за Кина низ средниот век – Tabγač.

Ова ни помага да го идентификуваме изворот на Теофилакт за Кина во мисијата на Земарх од 569 г. пратена по налог на Јустин II вл. 565-578) до хаганот Мукан (вл. 553-572) од првиот Туркски хаганат (552-603).

Прокопиј Кесариски (circa 500-565) во своето дело За готската војна го документира трансферот на технологијата за производство на свила во времето на Јустинијан I (вл. 527-565), кога тој за таа цел испраќа двајца монаси до областа Σερίνδα, што би ја идентификувале со Таримската котлина од денешна западна Кина.

Сепак, фактот дека ниту еден современ византиски извор не бележи дека Дворот во Константинопол пратил официјални мисии директно до Кина, нѐ наведува да ги преосмислиме кинеските извори, кои говорат токму за такви пратеништва во насока нив да ги согледаме не како византиски државни мисии, туку како црковни. Во самите текстови има доволно индиции за такво нешто, при што иницијатор на овие мисии најверојатно бил Антиохискиот патријархат или некоја од неговите митрополии во Централна Азија, како онаа во Мерв.

Докази за присуство nа Православната Црква од византиски обред во Кина при династијата ‘Та́нг наоѓаме во одредени археолошки наоди, како Псалтирот на согдиски јазик со грчки наслови откриен во Турфан, западна Кина. Понатаму, на познатата христијанска стела од 781 г. откриена во ‘Шӣа̄н (инаку, документ на Цркавта на Истокот од источно-сириски обред) во нејзиниот сирискојазичен дел на списокот на имиња на присутните при нејзиното подигање, забележано е името на монахот Јован (со сириски букви напишано: ܝܘܚܢܝܣ / Yōḥannīs), меѓутоа во сирискиот јазик името „Јован“ не гласи така, туку е „ܝܘܚܢܢ ) ”Yōḥannān), со други зборови, овде со сириски букви стои напишана грчката верзија на името „Јован“, т.е, „Ἰωάννης“, што можеби укажува на тоа дека тој конкретно припаѓал на византиската црковна традиција. се наведува во најавниот текст за предавањето на др. Радев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ