сабота, 20 април 2024

Пред да се донесе новиот да се измени сегашниот Кривичен законик, предлагаат експертите

Препорака од денешната дискусија е Министерството за правда, да ја разгледа предлог-директивата на Европската Комисија за зајакнување на антикорупциската рамка и борба во Унијата против корупцијата и да предложи повторни измени на Кривичниот законик (КЗ), бидејќи ако го чекаме донесувањето на новиот, тоа ќе потрае, изјави Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правен факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј по воведните обраќања на тринаесетта сесија на работната група – 4, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност.

Објавено на

часот

Сподели

„Треба да ги читаме извештаите и директивите што ги даваат другите држави и ЕУ. Имате фиксни параметри што треба да ги исполните, тука може да земеме пример од држави кои добиваат забелешки, а се слични на нашиот систем, да видиме како се соочуваат и да стигнеме до решенија“, рече таа.

Деаноска Трендафилова истакна дека е неопходно да ја почитуваме предлог-директива која е дел од иницијативите на Европската Комисија за зајакнување на антикорупциската рамка и борба во Унијата против корупцијата.

Образложи дека препорака од денешната дискусија е Министерството за правда, да ја разгледа предлог-директивата и да предложи повторни измени на Кривичниот законик (КЗ), бидејќи, како што рече, ако го чекаме донесувањето на новиот, тоа ќе потрае.

„Оваа предлог-директива борба против корупцијата, иако не е финален документ, и нас не нѐ обврзува, не треба да заборавиме дека сме во процес на евроитнеграции, усогласување на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, па дури и она што е во фаза на предлог, бидејќи е израз на политиките на ЕУ. Во таа предлог директива, дадена е минимална листа на кривични дела на корупција кои што треба да бидат инкриминирани во кривичните законици на земјите членки на ЕУ, вклучително и делото злоупотреба на службената положба и овластување. Нешто што во јавноста беше предмет на дискусија дали воопшто треба да постои како дело“, рече таа.

Дополни дека во поглед на предложените казни, тие се многу повисоки од оние што ние ги имаме во актуелниот Кривичен законик, и како што рече, тие особено се намалија кај делото злоупотреба на службената положба и овластување со измените на КЗ од септември 2023. Предлог-директивата, како што дополни, е донесена во мај 2023 година.

На сесијата на тема „Темелни права, правда и слободи преку призмата на механизмот за владеење на правото на Европската Унија“ што се одржа во Скопје, Кристиан Туркаљ, правен експерт за Западен Балкан, главен преговарач во преговарачкиот тим на Хрватска, сподели дека за да се оди забрзано на патот кон ЕУ, потребно е да се остварат некои претпоставки, како што се одлучност и консензус за реформи.

„Според мене, клучна е визијата, одлучноста на политичката елита во Македонија, еден консензус на главните чинители тоа вистински да се сака, како би се спровеле тешки реформи. Тука доаѓа до тоа да се биде способен да донесеш тешки одлуки, односно, да не се избегнува донесувањето на одлуки. Одложувањето на одлуките само го одложува процесот и всушност гледаме дека процесот станува сѐ покомплексен“, рече тој.

Во однос на прашањето дали тие тешки одлуки се уставните измени, тој одговори дека не би зборувал конкретно за Македонија, но, дека тоа било случај во Хрватска.

„Во случајот на Хрватска тоа вклучуваше, да, и измени на Уставот кои потоа овозмжија примена на Европските прописи во Хрватска“, дополни тој.

На сесијата, Туркаљ посочи дека треба да се препознае и да се искористи шансата. Тој потенцираше дека независните тела во правосудството мора да имаат капацитет кој опфаќа доволен број на кадар, но, и способен кадар кој што знае да постапува.

Според него, стагнацијата на напредокот може да доведе до блокада и доколку нашата држава сака да оди напред, таа треба да го стави целиот интелект на овие поглавја.

Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт, професор на Факултет за безбедност од Битола, потенцираше дека ако една држава сака да покаже перформанси, одржливост и борба против корупција мора да инвестира во квалитетна јавна администрација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ