сабота, 27 јули 2024

Пред 31 година Британец се самозапали поради војната во БиХ: „Нема да гледам масовен погреб“

„Британија мора да ја прекине војната во Босна, дури и со сила ако треба. Сега е време да ја вратиме нашата меѓународна почит. Британската армија не смее да биде само почесна стража на масовен погреб. Босанските бебиња, деца и жени трпеливо чекаат политичарите да го направат она што и самите знаат дека им е потребно – да им дадат заштита, воена заштита. Не смееме повеќе тоа да го гледаме од страна. Доста беа спалени трупови од бомбардирани згради.“

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Тоа беше последната порака на британскиот државјанин Греам Бамфорд, кој на денешен ден пред 31 година, 29 април 1993 година, се самозапали во Лондон во знак на протест поради војната во Босна и Херцеговина и одбивањето на британските власти да интервенираат воено и да ја запрат таа војна.

Бамфорд се самозапали на улица недалеку од британскиот парламент, каде што во тој момент се водеше дискусија за состојбата во Босна и Херцеговина. Според сведочењето на неговите блиски, тој немал никаква директна врска со Босна и Херцеговина, но бил многу погоден од сликите и видеата од уништување и убивање и почувствувал потреба некако да го сврти вниманието на пасивноста на британската влада кон сето ова.

Бил особено потресен од сликите од масакрот во Ахмиќи, во кој силите на ХВО убиле 116 луѓе, а кој се случил околу две недели пред тоа, меѓу другото и затоа што една убиена девојка го потсетила на неговата ќерка. Сведоците на неговото самозапалување велат дека тој умрел во агонија, иако некои случајни минувачи се обиделе брзо да го изгаснат откако ја запалил својата облека, која била полеана со бензин.

Документарен филм „Греам и јас“

Во 1997 година, хрватскиот документарен режисер Ненад Пуховски го сними документарниот филм „Греам и јас“, во кој се занимава со овој случај. „Видов човек како гори, врескаше, гореше. Се сеќавам како се движеше, тоа беше страшна агонија“, вели еден од сведоците во документарецот.

„Имаше многу сведоци. Многумина од нив велеа дека тоа можеби е протест за Босна“, вели жена-сведок во документарецот. Овој екстремен чин на протест на Греам Бамфорд не остави голема трага, ниту пак влијаеше на политиката на британската влада кон Босна и Херцеговина.

„Ова е филм за Греам, за неговите дела, за молкот што ги обвива, но и за авторот – припадник на практично истата генерација – и неговиот напор да произведе филм за тој настан. Верзијата на филмот од 2006 година е збогатена со изјави од таткото на Греам, кој во моментот на снимањето на оригиналната верзија сè уште не сакал да застане пред камера. Во 1998 година филмот беше прикажан во британскиот парламент“, стои во официјалниот опис на филмот во продукција на куќата Фактум.

Во 2009 година, градската администрација на градот Сараево воспостави награда со име Греам Бамфорд, која се доделува за извонредна граѓанска храброст, солидарност, хуманост и алтруизам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ