Не се знае дали тоа го направиле нашите навивачи, кои до доцна во ноќта се движеа околу местото каде што е написот, или тоа го направиле нишлии. Сепак, тоа што боде во очи е дека графитот е исчкртан со речиси истиот спреј со кој и бил напишан. Исто така, од тоа што беше напишано, на графитот остана читливо само зборот „Македонија“…
Овој потег на нишлиите (ако воопшто е нивен) може да се протолкува како обид за смирување на тензиите, но и како обид да се привлечат повеќе Македонци, кои вчера го наполнија Ниш и ги наполнија со пари нишките угостители.
Ова е прв „позитивен“ случај во односите Србија-Македонија, со оглед на тоа што пред неколку дена на пријателскиот дуел Србија – Македонија во Смедерево домашните навивачи вееја грчки знамиња, а националната српска телевизија на телопот нашата земја ја претстави како БЈРМ. Вчера во Ниш осамнаа антимакедонски графити, синоќа беа претепани Македонци, кои лежат во болница… па „преправањето“ на графитот е првото добро нешто од страна на Србите откако почна ЕП.
Од Ниш, Златко Крстевски