„Дозволете ми во мое лично име и во име на македонското друштво Илинден-Тирана и на македонското национално малциство во Албанија, Вам лично, на вашето свештенство и на сите православни верници, да ви го честитаме големиот Христијански празник Богојавление Христово – Водици“, пишува во честитката.
Во честитката се наведува дека Богојавление е настан што просветлува и нѐ поучува на прочистувањето кога постои вистинската верба и се додава дека радувајќи се на Исусовото крштевање и осветувајќи ги водите да си посакаме подобра иднина, знаење, мудрост и енергија, сила и верба за позитивни исчекори.
„Да се помолиме и да си посакаме убави празнични денови, а убавите мисли и дела, честа и достоинственоста да нѐ следат и да се постојано со нас и оваа година. Бидете благословени и нека ни е честит големиот христијански празник. Ваше Блаженство. Бог се јави! Навистина се јави“, пишува во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Православниот празник Богојавлние-Водици беше одбележан насекаде низ Албанија каде што живеат православните Македонци – Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник.
Македонците во Мала Преспа традиционално се собраа во селските цркви и после литургиите што ги одржаа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири, според обичаите, со крстот украсен со босилок се упатија кон брегот на Преспанско Езеро каде се фрла крст во сите девет села.
Во Пустец, по богослужбата што во црквата „Свети Атанасиј“ ја одржа отец Темелко, осветениот крст беше положен во езерските води а најсреќен беше Сотир Темелко, кој посака здравје, среќа и благосостојба за сите.
Фото: МИА
Со своите сограѓани во Пустец, како на богослужбата, така и при свечениот чин на положување на крстот, беше градоначалникот на Пали Колефски,
„Посакувам многу здравје, среќа, бериќет и општа благосостојба. Им честитам на сите млади што ја продолжуваат традицијата, посебно секако на Сотир, кого од општината соодветно ќе го наградиме“, рече за МИА, Колефски.
Во духот на македонските обичаи и традиции празникот Водици се слави насекаде во Албанија каде што живеат Македонци – Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови низ Албанија.
Во Голо Брдо крстот украсен со босилок, порано, кога православните биле во голем број, се полагал во реките, но сега тоа се прави симболично во поголем сад со вода. Во Мала Преспа традиционално во сите села крстот се положеува во водите на Преспанско Езеро.