И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Како што изјавија од Скопската православна епархија, годинава се пријавени над 220 граѓани, кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.
Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе чиноначалствува владиката Јосиф.
По завршување на литургијата, во 11:30 часот владиката Јосиф, заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде ќе започне „Водосветот“, а потоа ќе се положи крстот во реката Вардар.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.