сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Право на безличност

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Еден ден Личната Карта на Шљупков се разбуди без својата личност. Внимателно го пребара биометрискиот чип, потоа темелно ги пребара својата предна и задна страна, средината и аглите, но Шљупков го немаше никаде!

Според високоуважените апсурдистански закони, Личната Карта на Шљупков беше обврзана да извади нова личност. Секако, најпрвин требаше да се пријави старата личност на личната карта како изгубена или украдена. Личната Карта на Шљупков не можеше да се сети дали ѝ ја беа украле личноста или ја беше изгубила. И, како што обично се прави во такви случаи, Личната Карта на Шљупков пријави изгубена личност во Метафизичката управа.

Но само што ја доби потврдата за изгубена личност и беше тргнала да закаже термин за вадење нова личност, Личната Карта на Шљупков одеднаш се почувствува неверојатно добро без Шљупков: веќе подолго време не беше во близина на задник со сомнителна провениенција, ниту пак беше постојано затворена во стегите на капиталот наречени паричник (макаршто, верно, во паричникот на нејзината личност баш и немаше многу капитал); нејзината интима веќе не беше загрозувана преку бесрамно покажување на разни службеници, управници, банкари, извршители, редари, алфа-мажјаци и бета-женкари и секаков разноразен државно-правно-банкарски џган (додуша, верно, некои од банкарките имаа долги, тенки и убаво кремосани прсти, но тие беа многу ретки). Да, зарем смееше, зарем можеше да го каже тоа во Апсурдистан, каде што личноста беше темел на слободата? Но ѓавол нека го носи, таа го чувствуваше тоа, го чувствува со секоја нишка на својот биометриски чип: без својата личност, Личната Карта на Шљупков за прв пат се почувствува – слободна!

Во меѓувреме, Личната Карта на Шљупков запозна и други лични карти без своите личности, кои исто така се чувствуваа мошне добро без нив. И така, овие лични карти се здружија и протестираа за своето право на безличност.

После долги и тегобни преговори со демонстрантите, владата на Апусрдистан им дозволи на побунетите лични карти да вадат безлични личности и им додели статус на привилегирано малцинство: отсега овие лични карти важеа како посебна категорија апсурдистански граѓани – безлични лични карти, со загарантирано вицепремиерско место и министерство за безличност. Беа обезбедени нови безлични личности за безличните лични карти, главно од невладиниот сектор, експертско-академската јавност, медиумите, но убедливо најмногу безлични личности беа обезбедени од  политичарите.

Загубениот Шљупков беше службено прогласен за исчезнат.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ