сабота, 2 ноември 2024

Правна држава или корумпирано трло

Објавено на

часот

Сподели

Добро дојдовте во реалноста на придобивките од Охридскиот и Преспанскиот Договор. Ова што ви се случува денес, овој терор што македонската нелегитимна власт го врши врз вас, овој хаос во кој сте закатанчени, како абортус на лажни ветувања и ЕУ илузии, е резултат на еден долг процес, со кој вие упорно одбивате резолутно да се соочите и да се борите активно против него, а кој од друга страна постојано го туркате под тепих.

Тажно е кога човек ве гледа вака од страна како спиете и понизно молчите пред лажните авторитети спопикани  во октроираната македонско/албанска власт. А да не зборуваме што сè и колку по грозни работи ќе ви се случуваат од придобивките на бугарскиот договор додека вие раскарани меѓу себе се џавкате  на интернет и низ македонските меани.

Јасно е дека сте ставени пред ѕид и дека мора да се изборите за себе. Се работи за вас и за сериозни атаци врз вас како луѓе, за нешта кои ги загрозуваат вашите основни човекови права. Срамно е што поради својата комотност и личен комфор, поради ситен личен интерес и опортунизам, да не користам поостри зборови, од кои вашите нежни души ќе се навредат,  молчешкум и сервилно прифаќате да служите на туѓи интереси.

Што да ви каже човек кога ве гледа како прифаќате една недоквакана, корумпирана до срж и насилна политичка багра, не елита, багра составена од безр’бетници, полтрони, алчни грабливци, уличари и криминалци, која ја доведува во прашање вашата егзистенција и дома во Македонија и надвор од неа.

Нема никакво одење напред, никаков исчекор напред кон ЕУ, без почитување на вашите човекови права. Нема ништо без правна држава, без владеењето на правото.  Лажна дилема е Исток или Запад. Тоа е лажна мантра со која ве плашат и заведуваат бивши лажни комунисти, бивши дипломати и други бивши и сегашни заткулисни мешетари, за да можат само тие да имаат пристап до богатите софри. Вистинската дилема е правна држава  или корупција и неконтролирано владеење на примитивни племенски поглавици. Демократија или разорна етнократија. Нема благосостојба, нема среќни и сити граѓани без почитување на нивните човекови права.

Како резултат на тоа насилно, примитивно и неписмено племенско владеење последните 23-24 години Македонија правно, економски и културно се разградува и се уништува.  Од нелегални и коруптивни интервенции во економијата, здравството, образованието, културата, јазикот, идентитет, таа се руши и се разградува цигла по цигла. Вашите права се смалуваат, само вашата сиромаштија и глад се зголемуваат.

Од наметнатиот и злоупотребен Охридски договор во 2001, од насилниот упад на параполициските сили во Собранието на Македонија на 24 декември 2012, со што тогашната незрела власт го погази Уставот, до насилното устоличување на Талат Џафери на 27 април 2017 година, по принципот на калашников демократија, Македонија, а и вие во таа украдена држава, сè помалку ја има. А ако ја нема Македонија, особено ако правно ја нема, тогаш ни вас ве нема.

Треба ли одново и одново да се потсетуваме дека претседателот на Собранието на Македонија „избран“ на 27 април 2017 година, е донесен на таа функција под многу сомнителни околности кои предизвикаа насилство во законодавниот дом. Насилство и од едните и од другите заинтересирани да владеат со Македонија и со вашите животи.

Интересен е фактот што никаде нема релевантни докази, официјални записници водени тој ист ден во салата на Собранието или пак точни податоци во кој нема сомневање и кои јасно кажуваат дека доволен број пратеници гласале за новопредложениот претседател на Собранието на Македонија.

И ако Охридскиот договор е првиот клин во ковчегот на Македонија, тогаш тој сомнителен, скоро насилен избор за претседател на Собранието, е вториот клин кој понатаму ќе ја разградува унитарноста и правниот  поредок на државата.

Преспанскиот договор кој е генератор на сета криза и сите зла во Македонија во последниве пет-шест години е друга грда слика сама по себе. Мрачно петно на совеста на сите вас. На секој правник надвор од Македонија му е јасно дека тој е правно невалиден документ. Такви документи, такви меѓународни договори, според македонскиот Устав, не може да потпишува министер за надворешни работи ниту пак кои било министри по некој основ. Таков меѓународен договор потпишува само претседателот на државата, а во одредени случаи евентуално може да потпише и премиерот на државата.

А самиот Преспански договор кој е исто така правно проблематичен, затоа што е иредентистички и едностран, а со тоа што преставува и флагрантно мешање во внатрешните работи на Македонија, е оној претпоследен разорен клин во мртовечкиот ковчег на Македонија. Последниот, четвриот и финален, клин во ковчегот на Македонија ќе биде некритичкото и безусловно прифаќање на сите расистички и неонацистички барања подло скриени во договорот со  Бугарија.

Според сето досега изложено сам се наметнува заклучокот дека сите овие нешта што се направени од 2017 година до денес, сè што е сторено, сите закони што се донесени од тогаш до денес се нелегални, а со тоа и не се ни правно валидни… Тоа се закони кои не ја почитуваат волјата на граѓаните, кои ги кршат нивните човекови права и кои ги одземаат нивните демократски слободи. И пред сè тоа се закони кои се донесени како резултат и последици од кршење на Уставот на Република Македонија.

Борбата за слобода и демократија никогаш не престанува. Борбата за човековите права е нешто на кое мора да се инсистира… На полето на правото и правдата се водат битките и таму тие мора да се добијат, на мирен и цивилизиран начин, но одлучно и без страв. Тоа е суштината на процесот, сè друго е прифаќање на состојбата и тонење во очајот. Оова е ваша борба, ваша внатрешна работа. И никој нема право да се меша во внатрешните работи на Македонија. Добар и искусен адвокат, а пред сè писмен, човек со интегритет, може да поведе постапка пред Уставниот суд за кршење на вашите човекови права и за флагрантно кршење на Уставот. И не само да поведе постапка, туку и да го добие тој процес. А ако не оди така, постапка може да биде поведена и пред Меѓународниот суд за човекови права.

А до тогаш да веруваме дека некој од сите умни луѓе во Македонија, познати борци за човекови права кои мислат и веруваат дека можат да го поплочат патот кон создавање вистинска правна држава, да излезат од својот интелектуален комфор и да ве повикаат да станете и да застанете во самоодбрана на своите човекови права. Да ве повикаат да се издигнете над своите мали ситни разлики и суети, да ја најдете точката на најмалиот заеднички интерес и да почнете да делувате во сопствена корист, а не во корист на сопствената штета. Ако не друго да ве повикаат барем на граѓанска непослушност или пак на генерален штрајк во одбрана на вашите човекови права.

Наум Пановски, Вашингтон

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ