понеделник, 27 јануари 2025

Правичност, европска ориентација, чесна работа и љубов кон татковината – топ 4 очекувања на граѓаните на изборите минатата година

Според резултатите на дел од компаративното истражување на изборните системи (КИИС), спроведено во период од 25 октомври до 4 декември 2024, она што било пресудно за македонските граѓани да одлучат за кого ќе гласаат биле декларираните залагања на партиите за 4 вредности: правичност, европска ориентација, чесна работа и љубов кон татковината.

Објавено на

часот

Сподели

Во прашалникот на истражувањето во кое учествуваа Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Програмата за поддршка на изборите во Македонија (ИФЕС), наведени се и други вредности за избор на анкетираните, но правичноста како најголема вредност на партијата за која гласале, ја избрале 30,1 отсто од испитаниците.

Европската ориентација како вредност на политичкиот субјект кој го избрале, им била важна на 30,1 отсто од испитаниците, чесната работа – на 29, 1 отсто, додека љубовта кон татковината што ја манифестираат партиите, била фактор на одлука кај 23,1 отсто од учесниците во анкетата.

Залагањето на партиите за индивидуализам, односно слобода на индивидуата како посакувана вредност ја избрале 18,9 отсто; социјалната сигурност -18 проценти, човековите права и правата на малцинствата заедно со толеранцијата им е важна на 14,9 отсто од испитаниците. Љубовта кон етничката група која ја претставува партијата влијаела на одлуката на 14,1 од анкетираните, додека традицијата како вредност им е важна на 13,8 проценти, но улогата на семејството како општествената вредност имала значење само кај 7 проценти од испитаниците при носење одлука на изборите.

Ориентацијата на партиите кон други земји (на пр. Русија, Кина), имала влијание кај 4,4 отсто од анкетираните, приватната сопственост – 3,9 отсто, профитот – 3,5 отсто, додека залагањата за родова еднаквост влегле во приоритетите на 2,1 отсто од испитаниците.

Како најзначајни вредности што гласачите ги препознале кај партиите, европската ориентација е доминантна кај СДСМ и коалицијата, како и кај коалициите од албанскиот политички блок – Европска коалиција/ДУИ и коалицијата Вреди.

Всушност, европската ориентација кај СДСМ како нејзина најголема вредност ја препознале 68,5 отсто од приврзаниците на оваа партија; социјалната сигурност на 40,1 отсто,  додека индивидуализмот/слобода на индивудуата – 32,9 отсто.

Како најголемата вредност на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е препознаена – љубовта кон татковината, од 57,7 отсто од учесниците од истражувањето, чесната работа – 45,2 отсто и правичноста – 38,1 отсто.

Најголемата вредност на ДУИ, т.е. Европскиот фронт според 79,9 отсто од оние што гласале за нив е европската ориентација. Правичноста им е оценета како вредност од 30,4 отсто, додека љубовта кон етничката група што ја застапува била адут за 27,9 отсто од поддржувачите.

Европската ориентација на коалицијата Вреди им била приоритетна вредност на 51,1 отсто од нивните поддржувачи, правичноста – 48,2 проценти и чесната работа – 43,5 отсто.

Трите најголеми вредности на Левица, според оваа анкета се: правичност – 43,2 отсто, чесна работа – 40,3 отсто и ориентација кон други земји ( на пр. Русија, Кина) – 33,5 отсто.

Најголемите препознаени вредности на движењето ЗНАМ се: индивидуализмот / слободата на индивидуата – 46,2 отсто, правичноста – 49 отсто и чесната работа – 42,9 отсто.

Резултатите од компаративното истражување на изборните системи беа јавно презентирани на 22 јануари, а генералните впечатоци беа дека: во Македонија најчесто се гласа по етничка линија; висок е процентот на граѓани кои се декларирале како членови на политички партии, а дури една третина од нив на минатогодишните избори учествувале на собири или јавни настани организирани од политичка партија; како и дека жените и младите се помалку вклучени во политичките процеси.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ