„На денешната главна расправа за предметот во јавноста познат како ‘Моќник’ надлежниот јавен обвинител кај 10 од обвинетите изврши преквалификација на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување и побара примена на поблагиот закон“, информираат од Основен кривичен суд Скопје.
Судот, постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител и согласно одредбите од Кривичниот законик (КЗ) донесе решенија со кои за обвинетите постапката се запира заради застареност, додека за тројца од обвинетите, Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонио Милошоски судењето за кривичното дело измама продолжува на 9 и 28 ноември.
Случајот „Моќник“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Прво и второобвинети во случајот се Милош Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, а третообвинет е пратеникот Антонио Милошоски.
Според Обвинителството, Милош Милошоски и Милосим Војнески се обвинети за измама, а Антонио Милошоски за измама и злоупотреба на службената положба и овластување. Со обвинението останатите 10 обвинети се товареа само за злоупотреба на службената положба и овластување.
„Во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157метри квадратни со дворно место од 3.920 метри квадратни во село Ижишта-Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница“, пишува во дел од обвинението.