сабота, 27 јули 2024

Пратениците ќе гласаат за бенефициите за „Бехтел и Енка“, пред Собранието протест на археолозите и други

Објавено на

часот

Сподели

Во Собранието за денеска е закажана седница за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, заштита на културно наследство, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10д.

Македонското археолошко друштво (МАД) и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети-ИКОМОС за денеска во 10 часот најавија мирен собир пред Собранието против предлогот на пратениците за измени во Законот за заштита на културното наследство, кој е во собраниска процедура по скратена постапка. Претставници на Македонското археолошко друштво и ИКОМОС ги повикаа и вработените во Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, од установите за заштита, како и сите засегнати граѓани.

За археолозите овие измени се на штета на културното наследство и тие се направени без консултации и вклучување на стручната и научната јавност, чија професионална дејност е да го истражува и заштитува културното наследство, согласно Уставот и релевантните закони.

Против измените во овие закони вчера со соопштение се јавија и од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата кои побараа да се повлечат овие законски измени и да се отвори јавна дебата.

„Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така, овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот“, се вели во соопштението на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

И од партијата Левица реагираа за измените на овие закони кои утре ќе бидат пред пратениците.

„Измените на овие закони воопшто не се наивни и не само што со нив се кршат низа други законски и уставни одредби, истите се на штета на граѓаните на Република Македонија. Еден од законите којшто ќе претрпи измена е Законот за пренамена на земјоделско земјиште, каде, за потребите на ‘Бехтел и Енка’, се предлага пренамената на земјоделско во градежно земјиште да се врши само врз основа на еден член од законот – значи со законска одредба, без притоа да се бараат било какви дозволи или одобренија од државни органи или институции. Ова важи како за државно, така и за приватно земјиште“, велат од Левица.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата на ДУИ-СДС предлага скандалозна измена на Законот за заштита на културното наследство по итна постапка, со цел што побрза реализација на Коридорот 8 на Артан Груби.Власта повикувајќи се на јавниот интерес, прави обид културното наследство да го претстави како нечиј личен интерес, а не како темел на државноста. При идните градежни активности, со предлог-измените на Законот се предвидува надлежната установа за заштита да биде едноставно премостена и потенцијалните археолошки откритија да бидат пријавувани кај надзорниот инженер на Коридорот 8, без да се нагласи за каков инженер се работи. Тој, надзорниот инженер, ќе стане фактор кој ќе ги обезбедува археолошките наоди и ќе ги зачува местото и состојбата во кои тие се најдени, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека се работи за катастрофални предлози за измени на закони по работничките права. Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации. На тој начин не само што ќе ги одлее парите на македонските работници и граѓани кои се даночни обврзници во странски компании, туку сака и да им овозможи на овие компании, како „Бехтел и Енка“, да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови, туку и роботи“, реагираше ССМ.

На денешната собраниска седница на дневен ред се предлог-закони на девет закони поврзани со коридорите 8 и 10-д – за земјоделско земјиште, за експропријација, за заштита на културното наследство, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи, за шумите и за градење. Како последна точка на дневниот ред се измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка.

Предлагачи на измените на Законот за измени на законот за заштита на културното наследство се Арбер Адеми, Арбен Зибери, Арта Зендели, Бајрам Кадрија, Берат Ајдари, Рина Ајдари (сите од ДУИ), Даниела Николова и Љатифе Шиковска (од СДСМ) и Халил Снопче од Алијанса за Албанците.

Освен 112-та седница, Собранието денеска треба да одржи продолженија на уште седум седници, на 50-та, 71-та, 79-та, 86-та, 100-та, 103-та и 106-та седница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ