сабота, 27 јули 2024

Пратениците денеска расправаат за законот со кој ќе се помилува само со правосилна пресуда

Предлог-законот за помилување со кој помилување може да има само доколку е донесена правосилна судска пресуда, денеска ќе биде на седница на Собрание, информираат од Министерството за правда.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Со новиот Закон за помилување, предложен од Министерството за правда, претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица.

Од Министерството за правда велат дека при изготвувањето на законот биле разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.

„Причините за донесување на Законот за помилување, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот“, велат оттаму.

Дополнуваат дека е важно што во него има прецизни рокови и докрај се прецизираат ингеренциите на сите засегнати страни кои учествуваат во процесот.

Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими, oдносно, со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето.

Според предлог-законот постапката за помилување се поведува со молба на осудениот или неговиот бранител, со писмена изјава за согласност на осуденото лице, може да поднесат и брачниот другар, вонбрачниот другар, роднина по крв во права линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател.

„Молбата се поднесува по правосилноста на пресудата. Молба со која се бара бришење на осудата или укинување, односно определување пократко траење на определена правна последица од осудатa може да се поднесе по издржаната, застарена или простена казна кај осудата на казна затвор, плаќањето на парична казна, истекот на рокот за проверка кај условната осуда, извршувањето на општокорисната работа и правосилноста на одлуката за ослободување од казна“, пишува во предлог-законот за помилување.

Но сепак, молбата не го одложува извршувањето на изречената казна но осудениот има право да ја повтори молбата ако таа првично биде одбиена и осуденикот не биде помилуван.

„Осудено лице на кое му е изречена казна затвор во траење до пет години или поблага казна, може повторно да поднесе молба или во негово име лицата определени со законот по истекот на една година од денот на донесувањето на последната одлука за помилување. Осуденото лице на кое му е изречена казна затвор во траење подолго од пет години, може повторно да поднесе молба или во негово име лицата определени со законот, по истекот на една година и шест месеци од донесувањето на последната одлука за помилување. Осуденото лице на кое му е изречена казна затвор во траење подолго од 10 години, може повторно да поднесе молба или во негово име лицата определени со законот, по истекот на две години од денот на донесувањето на последната одлука за помилување“,  пишува во предлог-законот за помилување.

Од Министерството за правда велат дека ова е целосно нов закон кој не се однесува на предлог амнестијата за растоварување на затворите, предлог кој претходно не беше изгласан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ