Од Институтот за демократија велат дека од новите пратеници се очекува да бараат од Владата подобрени процени на влијанието на законите што ги предлага и да бараат во материјалите кои ги придружуваат предлог-законите, да биде вклучена и антикорупциска процена на предложениот закон која е во надлежност на Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК).
„Во иднина, потребно е интензивирање на иницијативите за организирање надзорни дебати по наодите на ДЗР и ДКСК. Имајќи ја предвид важноста на извештаите на Државниот завод за ревизија кои го анализираат трошењето на јавните средства и идентификуваат потенцијален ризик од корупција, важно е воспоставување пракса за постојана дискусија на сите ревизорски извештаи на пленарните седници и во работните тела на Собранието. На сличен начин, потребно е да се организираат надзорни расправи по случаи, ризици и слабости на корупција, идентификувани од страна на ДКСК“, велат од Институтот за демократија.
Оттаму препорачуваат пратениците да обрнат поголемо внимание при носење на сите нови закони, а особено во областите во кои постојат сериозни ризици од корупција, а потребно е и намалување на носење закони по брза постапка и злоупотреба на европското знаменце. Тие испратија препорака и до Меѓупартиската парламентарна група за борба против корупција.
„Борбата против корупцијата бара општ консензус и натпартиски напор и ангажман од сите пратеници. Затоа, важно е во новиот мандат да се надминат меѓупартиските несогласувања и пратениците да земат проактивно учество во новоформираната Меѓупартиска антикорупциска група за унапредување на улогата на Собранието во спречувањето на корупцијата“, е препораката на Институтот за демократија.
Оттаму посочуваат дека крајни заклучоци кои произлегле од дискусијата се потребата од исклучителна политичка волја и од власта и од опозицијата, натпартиски напори, како и враќање на довербата во правосудството, Собранието и во останатите институции за да се постигне каков било ефект во борбата против корупцијата.