Забраната, која ја усвоија градските советници, значи дека вечерните обиколки во баровите и пабовите каде што туристичките групи обиколуваат локали веќе нема да бидат можни меѓу 22 часот и 6 часот наутро, јавуваат чешките медиуми.
Во градскиот предлог се наведува дека „неразумното консумирање алкохол и однесувањето во пабовите може да создаде впечаток на недостаток на култура во заедницата, да го намали чувството на безбедност и да има негативно влијание врз перцепцијата на градот од страна на туристите, потенцијалните инвеститори и самите граѓани“.
Заменик-градоначалникот на Прага, Зденјек Хриб, им рече на новинарите дека „нема да биде можно да се организираат тури со водич ноќе“, додека неговиот колега, исто така заменик-градоначалник Јиржи Поспишил, рече дека градот „бара покултурни и побогати туристи, а не оние кои доаѓаат само на кратко да се опијанат“.
Жителите на центарот на Прага долго време се жалат на бучава и несигурност поради масовниот туризам. Улиците се полни со пабови и пивници во земјата која има најголема потрошувачка на пиво по глава на жител во светот.