сабота, 27 јули 2024

Познати носителите на изборните листи од поголемите партии

СДСМ денеска на седници на Централниот и на Извршниот комитет, а потоа и на Конгрес на партијата треба да донесе одлука за носителите на кандидатските листи за парламентарните избори. Носител на една од листите, како што се очекува, ќе биде неврохирургот Венко Филипче, поранешен министер за здравство, кој најавува враќање во политиката. Познати се и носителите на листите од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, Левица и Вреди.

Објавено на

часот

Сподели

На почетокот на 28. Конгрес на СДСМ на отворениот дел ќе се обрати лидерот Димитар Ковачевски, по што следува работниот дел. Досега е потврдено дека носител на листа во Првата изборна единица ќе биде Ковачевски, а ко-носител Моника Зајкова од ЛДП, а се очекува да биде потврдено дека во Третата изборна единица  носителка ќе биде потпретседателката на партијата Сања Лукаревска. Во Четвртата се најавува носител да биде Венко Филипче.

Поранешниот министер Оливер Спасовски ќе биде носител на изборната листа на СДСМ во Втората изборна единица, претседателот на Собранието Јован Митрески ќе ја предводи „петката“, додека министерката за одбрана Славјанка Петровска ќе ги брани боите на СДСМ во Шестата изборна единица.

ВМРО-ДПМНЕ пак, практично ги комплетираше имињата на носителите на листите. Како што потврди вчера Алекандар Николоски, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски ќе биде носител во Петтата изборна единица, со што е комплетирана листата со носители, што претходно ја објави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Во Првата изборна единица носител ќе биде Мицкоски, во Втората изборна единица потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во Третата Драган Ковачки, во Четвртата потпретседателот Александар Николоски, а во Шестата изборна единица Дафина Стојановска.

Објавено е и дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се засилува со помали партии, тоа се Социјалдемократската унија, Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите, Македонски концепт, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија, ТМРО и Достоинство. За два-три дена, како што изјави пратеникот Антонијо Милошоски, се очекува одлука од уште една политичка партија.

ЗНАМ-За наша Македонија ги објави носителите на изборните листи. Носител на листата во Изборна единица 1 е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, член на Извршниот одбор на движењето ЗНАМ, во ИЕ2 ќе биде Даниел Стојчевски, м-р по кривично право, директор на ЈП Чистота и зеленило во Куманово и претседател на Општинската организација на ЗНАМ во тој град, во ИЕ 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија, доктор по историски науки. Во ИЕ4 листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, претседател на Стопанската комора на Југоисточна Македонија и претседател на ОО на ЗНАМ во Струмица. Листата во Петтата изборна единица ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка и член на КСЗД, по професија психолог. За носител на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски. На конвенцијата ќе се обрати претседателот на ЗНАМ и кандидат за претседател на државата Максим Димитриевски. Движењето ЗНАМ утре во СРЦ Кале ќе ги претстави кандидатите за носители на листи за пратеници во шесте изборни единици за парламентарните избори.

Коалицијата Вреди нема да се натпреварува во сите шест изборни единици. Изет Меџири ќе биде носител во Првата изборна единица, Африм Гаши во Втората, Биљал Касами во Шестата. Кандидатот за претседател на коалицијата Вреди, Арбен Таравари за „петката“ рече дека се прави анкета и за три-четири дена се очекува да биде познат носителот, но нагласи дека, согласно коалицискиот договор, ќе биде од крилото на Алијанса на Албанците кое тој го предводи.

Од Левица во Првата изборна единица носител на листа е претседателот на партијата и актуелен пратеник Димитар Апасиев, во Втората изборна единица е портпаролот на партијата Амар Мециновиќ, во Третата изборна единица актуелниот пратеник Борислав Крмов, во Четвртата изборна единица Сашко Јанчев, советник во Гевгелија, во Петата изборна единица Јована Мојсоска, генерален секретар на партијата, додека во Шестата изборна единица прв на листата за парламентарните избори е Игор Димески, советник во Општина Центар.

Кампањата за парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај заедно с0 вториот круг од претседателските избори, стартува на 18 април.

Учесниците на изборите, листите со кандидат/и за пратеници треба да ги достават до ДИК најдоцна на 2 април, до 24:00 часот – 35 дена пред денот на одржување на изборите. Жрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и за пратеници ДИК ќе ја одржи најдоцна на 13 април.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ