сабота, 18 јануари 2025

Позитивни финансиски резултати на Стопанска банка Битола во 2024 година

Стопанска банка а.д. Битола деловната 2024 година ја заврши со позитивен финансиски резултат односно добивка по одданочување во износ од 163,17 милиони денари.

Објавено на

часот

Сподели

Во 2024 година, фокусот на работењето беше ставен кон остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Сопанска банка а.д. Битола за 2024 – 2026 година, приспособувајќи го своето работење на промените во домашните економски услови, модерните банкарски текови и глобалните пазарни случувања.

  1. Финансиски перформанси на Банката

Во периодот 1.1.2024 – 31.12.2024 година, Стопанска банка а.д. Битола оствари исклучителен позитивен финансиски резултат, добивка пред одданочување во износ од 181,86 милиони денари oдносно добивка по одданочување од 163,17 милиони денари што претставува значајно подобро остварување споредено со истиот период од минатата година, кога работеше со загуба од 189,82 милиони денари. Позитивниот финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 117,36 милиони денари), засилената активност за наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година.

Нето-приходите од камати бележат зголемување за 11,45 милиони денари, односно 2,54% во однос на остварувањето од минатата година. Приходите од камати се повисоки за 16,99 милиони денари, односно 2,91%, додека расходите за камати бележат годишно зголемување од 5,54 милиони денари, односно 4,19% во услови на засилено штедење на населението во Банката, коeшто започна уште во 2023 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 95,87 милиони денари и се пониски за 30,70 милиони денари, односно за 24,26% споредено со остварувањето од истиот период од минатата година, што главно се должи на зголемените тарифи на добавувачите на услуги на Банката.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 19,54 милиони денари и пониски за 3,97 милиони денари, односно 16,9% споредено со истите од минатата година.

Останатите приходи од дејноста се повисоки за 5,47 милиони денари, односно 24,70% во споредба со 2023 година, како резултат на остварени капитални добивки од продажба на преземен имот.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа во периодот 1.1.2024 – 31.12.2024 година е значително пониска споредено со истиот период од 2023 година, и тоа за 93,68%, како резултат на наплата на нефунционалните побарувања. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа е позитивна и изнесува 20,60 милиони денари, што во целост произлегува од ослободување на ревалоризациска резерва од продажба на преземен имот.

Трошоците за вработените бележат намалување од 15,74 милиони денари, односно за 7,66% споредено со претходната година, што главно се должи на раст на продуктивноста на вработените и оптимизација на трошоците. Исто така, активностите за оптимизација на трошоците резултираа и со годишно намалување на останатите расходи од дејноста за 25,37 милиони денари, односно 12,39%, додека амортизацијата е пониска за 12,63 милиони денари односно 18,92%.

Одразувајќи ги движењата на приходни и расходни билансни позиции, банката во периодот 1.1.2024 – 31.12.2024 година оствари одлични ликвидносни и капитални показатели. Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 31.12.2024 година изнесува 27,37%, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 45,45% и истите се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор.

Силната капитализираност и ликвидност на банката претставуваат главен предуслов за одржување на долгорочна финансиска стабилност и идно успешно работење.

  1. Промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Во периодот 1.1.2024 – 31.12.2024 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

  1. Дивиденди

Во согласност со oдлуките од Собранието на акционери, во периодот 1.1.2024 – 31.12.2024 година нема распределба и исплата на дивиденди.

  1. Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Недвижностите и опремата бележат намалување од 1,81% во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2023 година, што се должи на месечно амортизирање на истите.

  1. Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30% во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Обврските по кредити бележат намалување од 40,81% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2023 година, како резултат на редовна отплата на обврски по кредитни линии.

  1. Очекувања за претстојниот период

Приспособувајќи го своето работење на деловната клима и потребите на клиентите, Банката и во претстојниот период ќе ги презема неопходните мерки и активности за реализирање на поставените стратегиски и деловни цели од деловната политика, развојниот и финансискиот план.

Воедно, со своето работење во целост останува насочена кон задоволување на потребите на клиентите преку понуда на иновативни производи и услуги со фокус на понатамошна дигитализација во работењето, раст на кредитната активност при истовремено интензивирање на активностите за наплата на  нефункционални кредити, континуирано следење на редовното портфолио и одржување на оптимално ниво на депозитен потенцијал, како од аспект на ликвидност така и од аспект на профитабилност во работењето, со што ќе се создадат неопходните предуслови за генерирање на позитивни финансиски резултати при прифатливо ниво на ризик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ