Александар Гудев, командир на Територијала противпожарна единица (ТППЕ) на Струмица кажа дека пријавата за пожар ја добиле околу 14 часот и дека веднаш била мобилизирана целокупната екипа на ТППЕ Струмица.
„Ветрот си го направи своето. Побаравме помош од колегите од Радовиш, Валандово и Гевгелија и за тоа сме им многу благодарни. Сѐ уште сме на терен. Има уште еден крак. Има една екипа кај Баница за да го заштитиме селото, но можам да кажам дека пожарот е целосно локализиран. За кратко време и ќе го ликвидираме“, изјави Гудев.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов апелираше на свест и совест кај граѓаните и праша уште колку жртви треба да дадеме за да се свестиме дека со оган нема играчка.
„Во денови на голема жалост во Македонија, за жал наши несовесни граѓани запалија стрниште, а за среќа со нашите пожарникари од Струмица со поддршка на пожарникарите од Радовиш, Валандово и Гевгелија, успеавме за максимално брзо време да го локализираме пожарот без при тоа да има изгорени луѓе или не дај боже човечки жртви. Апелирам на свест и совест кај граѓаните. Уште колку жртви треба да дадеме за да се свестиме дека со оган нема играчка и дека треба да бидеме одговорни граѓани за да не ни се случуваат катастрофи“, изјави Костадинов.
Причина за пожарот што избувна попладнево во Струмица е запалено стрниште.