Во Богданци на терен се 62 лица, има пожарникари со теренски противпожарни (ПП) возила од ТППЕ Гевгелија, Валандово, Кавадарци и Штип, пожарникари од доброволните ПП друштва од Валандово и Дојран како и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Национални шуми и од Јавното комунално претпријатие од Богданци.
„Во овој момент нема потреба од воздушна подршка“, информираат од ЦУК.
А пожар утрово избувнал и во демирхисарско, во близина на село Сопотница.
„Гори сува трева но постои опасност пожарот да се прошири кон блиската зимзелена шума. Пожарот брзо беше изгаснат но повторно се разгоре и пак беше изгаснат. Екипа на ТППЕ Демир Хисар превентивно останува на лице место“, информираат од ЦУК.
Во изминатото деноноќие регистрирани се вкупно 23 пожари на отворен простор. Пожарот кај Богданци е сѐ уште активен, се догаснува, а 22 се целосно изгаснати.
На територијата на Скопје се регистрирани 5 пожари, во Кичево 2, во Куманово 5, во Гостивар и Струмица по 2, а во Велес, Кавадарци, Дојран, Кочани, Делчево и Тетово е регистриран по еден пожар.
Во 19 пожари горела ниска вегетација а во 4 ниска шума.
„Затоа апелирам до сите македонски граѓани да бидат исклучително внимателни да не предизвикаат пожар. Палење на оган и скара на отворено, палење на стрништа и пасишта, фрлање отпушоци или работа со алат кој искри за миг може да предизвика пожар. И најмалиот пожар за миг може да излезе од контрола и неколку стотици метри или неколку километри подалеку може да убие човек или да нанесе огромна материјална штета. Голема благодарност до исклучително професионалните и храбри пилоти на Ер Тракторите и хеликоптерите како и до храбрите македонски пожарникари од територијалните противпожарни единици, доброволните противпожарни друштва, екипите на ДЗС и Национални Шуми и градоначалниците, како и вработените во ЦУК кои ги координираат сите набројани единици и ресурси. Сите заедно досега покажаа дека се на висина на задачата“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.