сабота, 27 јули 2024

Пожарникарите се изборија со големиот оган во Универзална сала, пожарот ставен под контрола

Ставен е под контрола пожарот што избувна претпладнево во Универзалната сала во Скопје и нема опасност од ширење на огнот.

Фото: МКД

Објавено на

часот

Сподели

Во моментов уште чади објектот, но огнот што беснееше е ставен под контрола. Според првичните информации од нашиот репортер од самото место, нема жртви во пожарот, но сепак за тоа дали има повредени лица или лица што вдишале чад и на кои им е потребна помош ќе треба да се почекаат официјалните информации.

Официјални лица велат дека набрзо ќе се проверува дали има оштетувања на челичната конструкција.

И од Центарот за управување со кризи информираа дека огнот е ставен под контрола и дека гореше куполата на објектот. Црн густ чад се издигаше над Скопје и беше видлив и од периферните населби на градот, а сирени од противпожарни и полициски возила се слушаа на сите страни во близина на објектот.

Засега нема информации за причините за пожарот.

Објектот на Универзална сала неодамна започна целосно да се реконструира.

Долги години беше предмет на расправии кој и како да го реконструира објектот, кој има културно значење за градот, а е и симбол на солидарноста, зашто е изграден како донација по катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ