петок, 25 октомври 2024
Дојче веле

Пожари во грчката престолнина, тешко се дише во Атина (ВИДЕО)

Тешко е да се дише во Атина – шумските пожари создаваат смог што им го отежнува животот на сите. Опасноста во моментов е отстранета, но пожарот во секој момент може повторно да се разгори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од почетокот на август метеоролозите во Грција предупредуваат на опасност од „мегапожар“ во регионот на Атика. Од тие предупредувања немаше голема корист: огромен пожар беснее на северот на Атина од неделата. Изгореа делови од шуми, неколку викендички, станбени куќи, училишта и фабрики. Мораше да се евакуираат многу локации, вклучувајќи го и историскиот локалитет Маратон, пишува Дојче веле.

Градоначалникот Стерјос Циркас рече дека станува збор за катастрофа од библиски размери: „Во моментов е тешко да се процени колку површини се изгорени, но според груби проценки изгореле речиси 30 отсто од општината“, рече тој.

И покрај очајничките напори на пожарникарите да ги смират пожарите, за 24 часа изгореа повеќе од 10.000 хектари земја.

Загина една 60-годишна жена.

Трошоците за катастрофата сè уште не може да се пресметаат, но тие се несомнено високи. Огромна е и опасноста за здравјето на жителите на Атина.

„Новата нормалност“

Воздухот во грчката престолнина сѐ уште е задушлив, горештините се неподносливи, а иднината на градот е мрачна. Речиси секоја година дел од шумите и зелените површини околу Атина се уништуваат од пожари. Нема време за нивно регенерирање.

На опожареното земјиште секогаш се гради нелегално, а тие куќи и згради подоцна се легализираат.

Пожарите секоја година го прават животот во Атина неподнослив. „Се соочуваме со нова нормалност, со екстремни природни феномени, периоди на дожд и суша, со кои треба да се справиме“, вели Ефтимиос Лекас, професор по управување со природни катастрофи на Универзитетот во Атина.

Неуспешни подготовки

Надлежните органи со месеци се подготвуваат за летни пожари. Годинава сезоната на пожари почна порано од вообичаеното. Веќе во март 2024 година беа регистрирани дванаесет големи пожари, вклучувајќи ги и оние во Пиерија, планински венец веднаш до Олимп во северна Грција. Владата вети дека ќе направи сѐ за да ги заштити загрозените шуми во земјата.

Министерот за климатски кризи и заштита од катастрофи Василис Кикилијас дури кон средината на април го потпиша договорот за создавање зони за заштита од пожари во шумските области на Атика. Неговата цел беше „да го подобри планирањето акции за годинешнава сезона на пожари и да ја зајакне превенцијата“.

Целта не беше остварена, како што може да се види деновиве.

Освен тоа, тешко пристапниот терен и тесните улици им ја отежнуваат работата на пожарникарите. Атинскиот експерт Лекас зборува за „експлозивна комбинација што ја создава оваа опасна ситуација и води до губење на шумите што се важни за животната средина“.

Заборавени планини

Пожарникарите се обидуваат да спречат повторување на катастрофата во Мати. Во јули 2018 година, 104 лица загинаа во пожар во ова одморалиште во близина на Атина. Секаде каде што е можно, тие се борат со пожарите со морска вода. Но кога во близина нема море, ситуацијата станува критична.

Во моментов, на планината Орвилос во северна Грција веќе 27 дена гори прашума. Веќе шест дена нема акции за гаснење, се жали претседателот на општината Јоргос Тациос, кој бара да му се испратат противпожарни авиони за барем да се ограничи пожарот. „Имаме чувство дека владата нѐ заборави, дека сме беспомошни“, вели тој.

Погрешни приоритети

Тасиос гласно го кажува она што другите локални функционери главно го мрморат под мустаќ. Владата бара од локалните администрации да создадат зони за заштита од пожари, но не сака да учествува во финансирањето на тие работи.

Грчката влада продолжува да инвестира премалку пари во спречувањето шумски пожари, иако за тоа има доволно средства од ЕУ. Според податоците на институтот ЕНА, Владата до април 2024 година потрошила само еден процент од средствата од Фондот за противпожарна заштита на ЕУ. Министерството за климатски кризи и заштита од катастрофи сѐ уште не успеало да испланира инвестиции во инфраструктура, теренски работи, ниту набавка на возила и авиони.

Единственото нешто што премиерот Киријакос Мицотакис лично го покрена беше нарачката на седум нови авиони канадер ДХЦ-515 за гасење пожари во Канада. Но ќе помине многу време додека тие да бидат изградени и подготвени за употреба.

Во моментов соседите и многу земји од ЕУ испраќаат авиони и пожарникари во Грција. На помош веднаш дојдоа Франција, Италија, Чешка и Кипар, како и Србија. Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, исто така, понуди помош од својата земја. Секоја помош во борбата против огнената стихија во Атина е и повеќе од добредојдена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ