петок, 21 јуни 2024
Македонскиот претседател на МЕФ 2023

Повеќе домашни извори на енергија и вклучување во регионалните иницијативи, предлага Пендаровски

Објавено на

часот

Сподели

Мора да се работи на тоа да имаме што повеќе домашни извори на енергија со оглед дека сме се уште увозно зависна држава, а преку регионалните иницијативи да влегуваме на пошироките енергетски пазари, порача денеска претседателот Стево Пендаровски на Македонскиот енергетски форум МЕФ 2023 година. 

Како држава која е високо зависна од увоз на енергија, истакна Пендаровски, добро е да бидеме заедно со сите други земји и пред да станеме членка на ЕУ да бидеме дел од енергетскиот пазар на континентот.

„Не гледам друг начин за да ги задоволиме нашите потреби“, порача шефот на државата. 

Пендаровски и поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ на форумот ја споделија нивната визија за енергетските предизвици, глобалната стабилност во наредниот период, улогата на малите држави…

Како што посочи Пендаровски, глобалните состојби многу малку зависат од малите држави и тие можат да го проектираат својот интерес и влијание надвор од своите  граници само преку меѓународните организации во кои членуваат или би требало да членуваат. 

„За Македонија е добро што влеговме во НАТО. Енергетската безбедност е важна димензија за глобалната безбедност. Таму сме од  2020 година, што значи дека не сме сами, како мала држава и според воените потенцијали успеавме преку Алијансата преку  заедничките ресурси кои тие ги имаат да се чуе нашиот глас подалеку  од нашите граници. Во економско-енергетските аспекти на целиот проблем значајно е што сме веќе во преговори со ЕУ, долги години сме со кандидатски статус и унијата има посебни програми со кои не приклучува и пред да станеме формална членка“, рече Пендаровски. 

Тој оцени дека глобалното опкружување може да го смират или да го стават во граници на нормала само големите држави и како што наведе, тука само треба да навиваме дека западната алијанса која ги диктира главните вредности во модерниот свет, ќе успее да ги надвладее  тенденциите во спротивна насока кои за жал изминатата година и половина ги продуцира Руската Федерација која не дозволува  да се развиваат демократиите околу нив.

„Изгледите за брзо смирување на глобалната состојба не се сјајни. Нема ниту една личност во светот која вели дека руската инвазија набргу ќе заврши и особено нема човек кој тврди дека таа ќе заврши на таков начин што ќе имаме расчистена ситуација во која автократските тенденции и автократите ќе се повлечат во својот двор и нема да предизвикуваат проблеми не само во своето непосредно соседство како што го нарекуваат, туку и на континентот, рече Пендаровски, укажувајќи дека руската инвазија не го наруши само пазарот на енергија, туку и ланците за снабдување со основни животни продукти и на многу  други начини. Тешко да има потсектор на глобалната економија кој не афектира од руската инвазија на Украина“, рече Пендаровски. 

Поради војната во Украина, посочи тој, плаќаме многу поскапа енергија и се надевам дека тоа нема да трае со години и оти во меѓувреме нема да мора да наоѓаме алтернативни извори и на снабдување и на енергија. 

Оценувајќи дека Македонија е регионален лидер во зголемување на енергија од обновливи извори на енергија, истакна дека треба да продолжиме да стануваме што е помалку увозно зависни, да учествуваме во сите регионални групирања кои служат за заедничко  побарување на светските енергетски пазари.

„Се разбира, неизбежно е да бараме што е можно побргу практично да ги уживаме привилегиите на заедничкиот европски енергетски пазар“, рече Пендаровски, посочувајќи дека во услови на кризи многу е важно Брисел да се однесува кон нас како да сме де факто членки на ЕУ.

Нашите држави, посочи претседателот Пендаровски, мора да бараат да ги уживаат привилегиите од заедничкиот европски пазар.

„Многу е значајно како една симболична политичка порака до нашите граѓаните во регионот, кога доаѓа една ваква криза, како оваа што е предизвикана од руската инвазија врз Украина, или како претходната со Ковид-19, луѓето да разберат дека ние сме де-факто членки на ЕУ, Брисел кон нас да се однесува како да сме де-факто членки, а не да каже – ќе ги имате овие привилегии на заедничкиот европски пазар, или енергетски пазар, откога ќе станете земји-членки“, апелираше претседателот.

Тој заклучи дека државите од Западен Балкан, самостојно со своите внатрешни ресурси, не можат да ги решаваат овој тип на проблеми и мораат да бидат дел од ЕУ, посочувајќи дека за жал интересот на Брисел во изминативе години драстично опадна за нашиот регион, а тоа предизвика пад на поддршката и зголемување на евроскептицизмот кај граѓаните од нашите држави.

Шестото издание на Македонскиот енергетски форум МЕФ завршува денеска со панели за енергетска дипломатија, технолошки иновации за енергија и трансформација на енергијата преку локална климатска акција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ