понеделник, 21 октомври 2024

Потребна е соодветна политичка клима за дијалог со Бугарија, му рече министерот Муртезани на Вархеји

За уставни измени е потребно да се создаде соодветна политичка клима и поддршка од јавноста, додека Владата е подготвена за конструктивен дијалог со Бугарија. Ова во Брисел му го рекол министерот за европски прашања Орхан Муртезани на Оливер Вархеји, комесарот на ЕУ за соседска политика и преговори за проширување на Унијата. Разговорите, како што соопшти Министерството за европски прашања, беа фокусирани на тековниот евроинтегративен процес и на чекорите што претстојат за понатамошен напредок.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Муртезани ја нагласи цврстата посветеност на Северна Македонија кон процесот на пристапување кон ЕУ, како и подготвеноста на земјата да се усогласи со стандардите на Унијата.

Комесарот Вархеји го поздрави придонесот на Владата во контекст на интензивните подготовки за Планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан, истовремено потенцирајќи ја потребата од брзо преминување на следната фаза – исполнување на одредниците (бенчмарк) за отворање на првиот кластер. Тој нагласи дека ЕУ останува посветена на поддршката наМакедонија во надминување на преостанатите предизвици на нејзиниот европски пат, особено преку техничка и финансиска помош за продлабочување на институционалните реформи.

Беа разменети мислења и информации и за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува клучен механизам за зголемување на инвестициите и зајакнување на економската отпорност на земјите од регионот. Вархеји ја поздрави активната улога на Македонија во регионалните иницијативи и нејзиното усогласување со стратешката агенда на ЕУ за 2024-2029, нагласувајќи ја континуираната европска поддршка, особено во области кои се клучни за трансформацијата на Македонија: владеење на правото, реформи во јавната администрација и борба против корупцијата. Муртезани истакна дека е важно овие реформи не само да се имплементираат, туку и да бидат длабоко вкоренети во општествените секојдневни текови.

Во однос на добрососедските односи, Муртезани повторно ја нагласи посветеноста на Македонија кон нивно зајакнување и продлабочување, истакнувајќи дека овие односи се фундаментални за регионалната стабилност, економскиот просперитет, но и за кредибилитетот на Унијата.

Министерот Муртезани ја реафирмираше подготвеноста за решително дејствување во контекст на следните чекори поврзани со европското досие на земјата, суштински работејќи на реформите како би се обезбедил стабилен напредок во исполнувањето на стратешката цел на Владата – членство во Европската Унија, соопшти Министерството за европски прашања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ