недела, 19 мај 2024

Потпишан Кодексот за фер избори, Огненовски и Јакимовски не ставија потпис на документот

Претставници на политичките партии и коалиции, денеска, во Собранието го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за единаесетите парламентарни избори што ќе се одржат на 8 мај. Кодексот не го потпишаа кандидатот од партијата Демократи, Јорго Огненовски како и претседателот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој нагласи дека се фаворизираат големите партии и дека нивни кандидати преку митинзи веќе го прекршиле Изборниот законик.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Државната изборната комисија (ДИК), Александар Даштевски, истакна дека овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на демократскиот процес.

„Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите“, истакна претседателот Даштевски.

Со потпишувањето, вели Даштевски, политичките партии се обврзуваат дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.

Кодексот не го потпишаа кандидатот од партијата Демократи, како и претседателот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Јорго Огненовски претседател на партијата Демократи изјави дека не го потпишал Кодексот затоа што изборите нема да бидар фер и регуларни.

„Напротив. Изборите ќе бидат криминални како и досега затоа што пред 20 години во Собранието е донесен криминален Изборен законик кој дискриминира и со кој што партиите кои имаат пратеници имаат монопол додека кон другите партии се врши неправда и се маргинализирани“, рече Огненовски.

Претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски пак кажа дека не го потпишал Кодексот за фер избори прво, поради, како што рече тој, начинот на кој се финансираат парламентарните избори и второ, затоа што носители на листи за парламентарните избори учествуваат во претседателската кампања.

„Огромни суми се издвојуваат само за четири коалиции односно политички партии, а трошки за сите останати. Идејата на државното финансирање на изборите е да се поттикне политичкиот плурализам односно да се поттикне појавување на нови партии, нови идеи, нови програми. И она што е најстрашно забрането е друг начин на финансирање. Носителите на листи за парламентарните избори со тоа што учествуваат во претседателската кампања праќаат лоша порака дека не се почитува Изборниот законик и како ќе ја водат Македонија. Тоа значи дека пак ќе биде беззаконие, пак ќе нема правна држава“, рече Јакимовски.

Кампањата за парламентарните избори почнува утре, а првиот круг од гласањето е на 8 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ