„Денеска во Будимпешта потпишавме нов Договор за заем од Унгарската експорт-импорт банка од која обезбедуваме нови 500 милиони евра, средства неопходни за раздолжување на веќе издадена еврообврзница во 2018 година. Со овој заем обезбедуваме поволни услови за отплата на обврските коишто доспеваат во јануари. Заемот согласно договорот е одобрен со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс-период од 3 години и каматна стапка од 3,25 отсто која е многу пониска од каматата доколку се одлучевме да издадеме нова еврообврзница за која каматата е над 6 отсто и на тој начин да направиме заштеди во буџетот. Дополнително заштеди се прават и по основ на трошоци за провизии кои за овој заем се околу 50 илјади евра, наспроти трошоците за издавање еврообврзница кои достигнуваа и над 1 милион евра“, рече министерката за финансии.
Таа истакна дека е особено важно што заемот е под истите услови како и првиот заем за кој беше потпишан договор во октомври. и изрази благодарност до унгарската влада за дадената поддршка.
„Средствата ќе бидат достапни на земјата на почетокот на јануари со цел навремено да се рефинансира еврообврзницата. Оттаму важен аспект е дека повлекувањето на овие средства нема да влијаат на нивото на јавниот долг, односно се повлекуваат средства во оној износ во кој е издадена и еврообврзницата“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Договорот, како што се наведува, е потпишан согласно Законот за задолжување на Македонија, со заем кај унгарската Експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност, по договор за заем за буџетско финансирање и финансирање општи цели, што го усвои Собранието. Владата имајќи го предвид позитивното искуство од соработката со Унгарија во однос на поволните финансиски услови при обезбедувањето на првиот заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, пристапи кон обезбедување на вториот заем во износ од 500 милиони евра.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска соопшти дека исплатата на унгарскиот заем од половина милијарда евра ќе „легне“ на 9 или 10 јануари, како што рече, за да се раздолжиме на 25 јануари.
„Еве имаме милијарда, ја ветивме милијардата. Ги земаме овие 500 милиони за да се раздолжиме во јануари. Се бориме и ова е борба. И во оваа борба, не велам дека нема да помине туку така без да добиеме некаква лузна. Ќе има“, рече Мицкоски, на новинарско прашање за заемот од Унгарија од каде претходно обезбедивме исто така 500 милиони евра.
Мицкоски потенцираше дека со унгарскиот кредит се заштедени најмалку 200 милиони евра, зашто ако била издадена еврообврзница, каматна стапка сигурно би било над шест проценти.
Премиерот исто така нагласи дека во скоро време се очекуваат најмалку три инфраструктурни проекти за кои многу скоро од денеска јавноста ќе биде информирана.
„Многу добра работа што никој не ја примети, а поминува деновиве, е што конечно се одблокираа две големи инвестииции во делот на енергетиката и зелената енергија – Сончевиот парк во Битола и Ветерниот парк Богданци 2, тоа што не е направено седум години“, рече Мицкоски.
За Ветерниот парк Богданци рече дека бил онака како што го оставиле како раководство од тогашното ЕЛЕМ.
„И сега повторно поминаа овие закони во парламент. Стотина милиони евра е тоа зелена енергија. Знаете дека од 1.1. 2026 година сите оние што ќе извезуваат во Европската унија ќе мора да имаат потекло на електричната енергија што ја користат да е зелена, ако не е ќе плаќаат даноци. И тоа не обврзува Планот за раст. Затоа е многу важно ова што го правиме. На дневна основа одблокираме процеси“, изјави премиерот Мицкоски, кој денеска беше на одбележување на Денот на турската настава во Министерството за политички систем.