петок, 21 март 2025
Марина Мијаковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Потонати соништа на големи македонски уметници и невини детски сонца

За да се случи лошо не треба многу! Последиците што ги имаме денес се слика за причините предизикани од центрите на злото создавани на македонското тло години наназад.

Со децении во државата сме сведоци на недостоинствен живот на маргините, без правда, закон и ред. Тука е невреден човечкиот живот: луѓе гореа во болници, во автобуси, секојдневно се прегазуваат луѓе, а општеството е депонија на злото за која никој пред власта нема одговорност. Дистопијата во Македонија, корупцијата, беззаконието, криминалот… се главна слика за бојата на црното македонско небо. На секој агол може да се забележи бесперспективност, а тоа е огледало на еден гнил и распаднат систем што како демон ги зема невините и чесните души. Денес никој не е безбеден, дури и кога оди на концерт или прослава! Денес секоја несреќа се заборава и системот продолжува да ги меле како ориз тие што останале чесно да се борат за достоинствен живот и парче леб.

Кочани секогаш беше познат како град на најубавиот ориз, Пониква, добрите и гостољубиви луѓе и чистите души на добриот Македонец. Зошто требаше во Кочани да се испише најцрната историја на градот? Зошто мораше да се испустат толку млади генерации со кои градот Кочани можеше само да се гордее? Денес капат оризовите солзи за секој згаснат живот, за болката на нивните семејства, за болката што училиштата ги изгубија своите ученици, а корумпираниот систем ќе ги закопа нивните соништа, амбиции и младост!

Денес на првиот ден од пролетта, со мастила од солзи и болка се испишува црна пролет за македонската нација и држава. Не загуби само Кочани, ова е најголемиот пораз за сите нас како држава! Изгуби Кочани, Штип, Виница, Скопје, Пробиштип, Куманово, Струмица… Сите изгубивме многу затоа што човечкиот живот е најважен!

На 16 март изби пожар во дискотеката „Пулс“ во 2:35 часот на концертот на познатата македонска рнб група ДНК. Млади луѓе од различни градови отидоа на концерт за да прослават родендени, да прослават раѓање на нивно чедо, да ги слушаат песните на нивниот омилен бенд ДНК. Пламените јазици беа смртоносни, а животот го загубија 59 лица, додека 196 се тешко повредени. На кобното место се случи најголемата катастрофа во државата која однесе со себе најмногу жртви. Трагедијата за да биде уште поголема, болката да биде посолена, за жал, членовите на бендот ДНК го загубија животот во нивните обиди да спасат деца и млади.

Денес на 20 март ќе се одржи погребот на загинатите ангели 59 млади луѓе (малолетници, тинејџери и младинци) кои животот го загубија на кобната забава во дискотеката во Кочани. На првиот ден на пролетта се соочуваме со мирис на свеќи и создавање на масовна гробница во која Македонија изгуби врвни уметници, младинци и семејства. На овој најтажен ден, македонската културна сцена е завиена во црно затоа што се збогува од членовите на бендот ДНК: фронтменот на бендот Андреј Ѓорѓиески (1982-2025) се вратил да спасува деца без да се плаши за својот живот! Пламените беа кобни и за останатите членови на бендот: Ѓорги Ѓорѓиев; Сара Пројковска (придружен вокал), Филип Стевановски; Александар Ефремов и Александар Коларов (гитарист). Нема потажно за еден уметник во културата животот да го загуби на сопствениот настап, а притоа толку млади фанови да згаснат одеднаш. Никогаш нема да биде исто!  Музиката е со солзи и тага што не може да ги врати жртвите. Испустени се семејствата, градовите и македонската нација!

На овој црн ден небото се отвора да ги прими душите на чесните и невините! Голема празнина како бездна се отвори за да не потсетува дека на оној свет не ги носиме ни нашите куќи, ниту парите, материјалните добра. На оној свет сите ќе заминеме, а единствено што како луѓе имаме е изброеното парче време да помогнеме, да направиме нешто добро за другите и за идните генерации!

Вечна слава на ДНК, вечен спомен на секое потонато сонце!

Марина Мијаковска,

поетеса и книжевен критичар.

КОЛУМНИ

Венко Андоновски

Ние сме контејнери од кожа, а не луѓе

Јове Кекеновски

 Македонија: Време е за нулта толеранција за митото и корупцијата!

Жидас Даскаловски

Сузбивање на клиентелизмот е прва и најважна цел, веднаш!

Билјана Ванковска

Профитот и корупцијата убиваат – насекаде!

Албанија испишува историја со можноста за гласање на дијаспората

Јанис Варуфакис

Аргументите против повторното вооружување на Европа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ