сабота, 27 јули 2024

Постои само една, наша Македонија, рече Мицкоски на собир во Струга

„Постои само една, наша Македонија. Интересно е како една заклетва на претседателот на Републиката може да го сврти вниманието на целата грчка и европска јавност, а нашето непринципиелно чекање во чекалницата пред Европската Унија повеќе од две и пол децении, со платени високи цени за влез, никако не се коментира, ниту е предмет на интерес. Јас сум свесен и за објективните слабости во потенцијалот на институциите, во присуството на корупцијата и акутната неспособност за резултати на власта во заминување, но Македонија плаќање скапа цена поради блокадите на соседите, иако го делиме и заслужуваме заедничкиот европски сон кој е нашата заедничка цел“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски денеска на собир во Струга на одбележување на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Објавено на

часот

Сподели

„Мојата цел е да ги надминиме сите поделби, да ја победиме секоја омраза и да ги соочиме изворите на тоа зло со одговорноста која мора да биде неодминлива, апсолутна и неселективна. Наспроти ова, народот знае дека за сите нас постои едно исто небо под кое живееме, тагуваме и се радуваме. Позади мене е Охридското Езеро чиј брег илјадници години обединува луѓе од различни етнички и верски припадности. Не постои лева или десна, на власта или на опозицијата, не постои нешто како лош или добар народ, постои само една, Македонија, со пристојни луѓе кои заслужуваат среќа. Постои само една наша Македонија. Со историја пред која се поклонуваме, и иднина која мораме да ја создаваме сами и за која сме подготвени да се бориме. Немаме време да трошиме за жалење над неправдите врз нас, ниту пак за промашените шанси на тие пред нас. Ние самите мораме да ги создадеме наредните шанси и да ги издвојуваме заедничките победи“, рече Мицкоски на крајот од партиската трибина во Струга „Св. Кирил и Методиј, стожер на постоењето!“.

Мицкоски рече дека и покрај сите неправди и долгото стоење во чекалницата на ЕУ, нема откажување од европскиот сон.

„Во тоа постојано чекање се губи нашето достоинство. Се удира и по нашата самодоверба и колективно самоопределување. Ако го говорам ова не значи дека се откажувам од тој сон, затоа што и Македонија е Европа и го полага правото за членство во Унијата. Затоа што мал, но многу значаен дел од колективата крепост на Европа ѝ припаѓа и на Македонија, татковината на Св. Климент и Наум, на Света Лидија Македонката, Свети Еразмо Охридски, Горги Кратовски, Злата Мегленска и многу други светители. Врз овие грамадни имиња се потпира и нашата света Македонска православна црква – Охридска архиеископија, која ја има и ќе продолжи да ја има мојата поддршка во борбата за соувување и идентитско самоопределување, согласно заложбите и апелите на г.г Стефан.

Од друга страна она на што првенствено ќе се посветам е тоа што најмногу, убедливо најмногу го засега секој еден човек, а тоа е потребата за подобар живот и изградба на заедничка иднина. Големата поддршка која ја добивме од граѓаните, значи огромна одговорност да излеземе со чист образ пред граѓаните и да кажеме како стојат работите реално, и без разубавувања, но и да направиме брзи резултати“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека владата што ќе ја раководи ќе отвори ново поглавје во кое државата ќе се врати кон народот.

„Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, на морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува. За брзо од сега ќе имаме нова влада. Тоа го посакувавме од првиот ден на оваа наша напорна и голема битка. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме. Многумина од вас овде се гледаат на различни позиции, функции и места, но никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој кој ја дава оваа власт, а тоа е народот. Бидете свесни дека секое ваше потрфлање ќе биде разочарување на народот и луѓето чии дланки ги стиснавме во нашата повеќегодишна битка за ставање на крај на ова владеење“, порача Мицкоски.

Тој додаде дека денеска е светол ден, празник, и дека нема да кажува „математики“ за состав на владата.

„Само ќе кажам дека новата влада ќе промовира и застапува единство и обединување на креативниот и прогресивен потенцијал. Македонија ќе ја сочуваме само ако го продолжиме делото на Св. Кирил и Методиј, само доколку самите создаваме шанси и се бориме за нескршливо единство, да делуваме како едно, сите обединиети како еден. Болката на нашиот пријател е и наша болка. Проблемот на нашиот сосед е и мој проблем. Искушенијата низ кои минуваат нашите деца се и наши искушенија. Само така ќе го постигнеме прогресот во кој веруваме и иднина каква што сакаме да ја имаме. Македонија ќе биде повторно твоја, наша заедничка“, порача на крајот од својот говор Мицкоски во кој на почетокот говореше за значењето за Македонија, за Европа и за светот на светите браќа Кирил и Методиј, за историјата и традицијата на Македонија, за културните богатства и за македонскиот идентитет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ