петок, 25 октомври 2024

Постои ризик од конфликт меѓу косовската полиција и американските војници

Косовската претседателка Вјоса Османи предупреди дека отворањето на мостот за сообраќај во Митровица без координација со НАТО ризикува конфликт меѓу полицијата и американските војници, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Владата на премиерот Аљбин Курти е при крај со подготовките за отворање на мостот, кој е главно затворен за сообраќај од крајот на војната во Косово во 1999 година, иако е отворен за пешаци.

На мостот се случија некои од најлошите судири меѓу етничките Албанци и Србите, кои го сочинуваат мнозинството на северно Косово. Неговото отворање би било симболичен потег бидејќи три други моста веќе го поврзуваат градот преку реката, според Ројтерс.

„Дали е во интерес на Косово да има конфликт меѓу нашата полиција и американските војници? Не верувам дека има барем еден Албанец што се согласува со тоа“, изјави вчера Османи за новинарите.

Нејзините коментари дојдоа откако САД, ЕУ и НАТО го предупредија Курти дека планот може да предизвика етничко насилство, принудувајќи го НАТО да интервенира за да го зачува мирот.

„Немаме причина да имаме конфликти со нашите сојузници. Тие нѐ спасија… и тука се со нас за да го заштитат нашиот суверенитет“, рече Османи.

Претседателката на Косово оцени дека изјавите на европските претставници за отворањето на мостот на Ибар се „расистички“ и дека не треба да се прифати за прашањето за мостот да се разговара во Брисел.

Локалните медиуми објавија дека отворањето би можело да се случи вчера, но до попладнето тоа не се случи и работниците сѐ уште го бојадисуваа мостот, пренесе Ројтерс.

Мисијата на НАТО на Косово оваа недела рече дека „нема да се двоуми да дејствува како одговор на каков било значаен развој во безбедносната ситуација“.

Висок претставник на НАТО за Ројтерс изјави дека една од опциите е да се блокира мостот со војници и оклопни возила доколку владата се обиде да го отвори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ